Во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово вечерва во 20 часот ќе биде отворена традиционалната ликовна изложба „Самоуки 2025“. Ќе бидат претставени 39 дела, слики и цртежи, изработени од 17 автори.
– Целта на изложбата е претставување на кумановските неакадемски уметници пред пошироката јавност, но, воедно, и развивање на афинитети кон визуелните уметности, едукација и презентација на едно запоставено творештво коешто претставува локално богатство и заслужува да биде споделено со ликовната публика. Искуствата низ годините покажаа дека оваа изложба освен тоа што има одреден квалитет и естетско ниво дека истата може да биде и многу масовно посетена – вели Роберт Цветковски, историчар на уметноста.
Изложбата ќе биде поставена до 26 јуни, а е поддржана од Министерство за култура и туризам.