(Видео) Славески: Дел од британскиот кредит ќе оди за Бехтел и Енка

Ако не беше Британскиот кредит како ќе функционираше Бехтел и Енка?

Новиот гувернер на Народната банка, Трајко Славески, во емисијата „Бизнис 21“ изјави дека реалната цена за автопатите што ги гради „Бехтел и Енка“ може да достигне над 5 милијарди евра, не звучеше како стручњак што предупредува. Звучеше како инсајдер кој конечно решил да ја отвори устата, откако штетата веќе е направена.

„1,3 милијарди евра е само номинална сума, сигурно ќе биде три пати повисока според моите проценки. Да, да, да… Тоа се над 5 милијарди евра. Па мислам дека до крајната реализација на проектот цената ќе порасне два-три пати. Верувајте ми во тоа“, изјави Славески.

Според официјалниот договор, „Бехтел и Енка“ ќе изградат 110 километри автопат по цена од 1,3 милијарди евра, што веќе е над 12 милиони евра по километар. Но, ако прогнозите на гувернерот се точни, оваа цена ќе достигне и до 35 милиони евра по километар, што е апсурдно дури и за стандарди на најразвиените држави.

А што добива Македонија за тие пари? Два автопати, Коридорот 8 (Тетово – Гостивар – Кичево – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10-д (Прилеп – Битола), но под услови кои сè уште се целосно непрозрачни. Ниту јавноста, ниту експертите ги имаат видено анексите, роковите, казните или дополнителните трошоци.

Најголемата контроверзија, која власта упорно ја демантира, е информацијата дека дел од британскиот кредит од 6 милијарди евра ќе заврши кај „Бехтел и Енка“. На директно прашање дали ќе се користат тие средства, Славески одговори со прашање:

„Па од каде ќе ги плаќаме? Па од каде ќе ги финансираме нивните фактури? Од буџет… А буџетот од каде ќе го финансираме, не.“

Во превод: народот ќе плаќа, било преку буџетот, било преку нови заеми, било преку сечење на основните јавни услуги. Од Министерството за финансии тврдат дека проектот ќе се финансира од буџетот и дека „стратешкото партнерство со Обединетото Кралство не предвидува буџетска поддршка“. Но, реалноста е дека властите досега немаат објаснето каде точно ќе одат парите од тој гигантски кредит.

Наместо да реагира на време, да постави црвени линии или барем да информира за ризиците, гувернерот сега глуми загриженост. Па кој до вчера беше дел од истата власт? Каде беше кога се потпишуваше договорот? Зошто не ја алармираше јавноста? Молк, сѐ до моментот кога веќе е предоцна.

Сега, неговите зборови звучат како обид за перење совест, а не како одговорна институционална реакција. А кога ќе се спомене вицепремиерот Артан Груби, Славески се обидува да ја префрли топката таму, како сѐ да било сплет на лични импровизации.

Во меѓувреме, граѓаните се соочуваат со распаднато здравство, уништено образование, минимални плати, и емиграција без преседан. А владата, наместо да вложува во домашна економија, ја задолжува државата за да ги финансира проектите на контроверзни странски компании со нечовечки договори кои не поминале ниту јавна расправа, ниту професионален аудит.

Македонија не гради автопати – гради долгови. Не инвестира во иднината – ја залага.

А гувернерот, кој со месеци молчел, сега сака да изгледа како глас на разумот. Не, господине Славески. Вие сте дел од проблемот. Исто како и тие што го договараа и потпишаа овој економски колонијализам.