(Видео) Левица: Владата рече НЕ за повисока минимална плата – бедата станува државна стратегија

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, ВРЕДИ и ЗНАМ денес одлучија – минимална плата од 500 евра нема да има. На седницата на Собранието, тие не го поддржаа предлог-законот поднесен од Левица, кој произлезе директно од барањата на синдикатите и илјадниците работници што секојдневно се борат за опстанок.

Со овој потег, десничарското мнозинство уште еднаш покажа на чија страна е: не на страната на народот, туку на страната на бизнис-елитите и привилегираните. Пратеникот на Левица, Амар Мециновиќ, остро реагираше, истакнувајќи дека работничките права се под континуиран напад, а власта не прави ништо за да го спречи економскиот и социјалниот пад.

„Во услови на десничарска влада имаме рекордно ниво на борба против синдикалното организирање и работничките права. Владата нема прогресивна визија, туку продолжува да продуцира регрес и беда“, порача Мециновиќ.

Додека трошоците за живот енормно растат, а голем број семејства живеат на прагот на сиромаштијата, владините функционери продолжуваат да зборуваат за „економски раст“ и „реформи“. Но реалноста зборува друго, минималната плата останува мизерна, додека животот станува луксуз.

Предлогот на Левица беше јасен, одмерен и оправдан. Наместо поддршка, доби молк и игнорирање од оние кои треба да го застапуваат јавниот интерес. Таа партија, за разлика од останатите, е доследна во заложбите за праведно општество и достоинствен живот за сите, не само за елитата.

„Вие нѐ имате донесено на ниво на микродржава. Животот во Македонија станува сѐ победен. Нашиот работник, додека му презентирате метрики најдобри во Европа, утре да има прилика – ќе замине“, предупреди Мециновиќ.

Додека власта ја затвора вратата за било каква надеж за социјална правда, Левица останува на линија со борбата на работникот. Токму тие го понудија единствениот закон со конкретна корист за народот. И токму затоа се најголемата пречка за комфорната пљачкашко-политичка коалиција која денес гласаше против народот.

Видео од обраќањето на пратеникот Амар Мециновиќ: