Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ денеска успешно ја одиграа најновата епизода од Пародијата „Како да си против нешто што велиш дека го поддржуваш“. Иако премиерот Христијан Мицкоски неодамна гордо изјави дека нема ама баш никаков проблем со воведување една изборна единица, демек и тој е за демократија, еднаквост и фер шанса за сите, неговите пратеници во Собранието решија да му го докажат спротивното. Или можеби тој ним? Никој не знае точно кој кого води во оваа партија, но едно е сигурно, пародијата продолжува.
Законот за една изборна единица, предложен од ЛДП, кој патем кажано беше дел и од самата програма на ВМРО-ДПМНЕ, падна. А со него падна и уште една маска. Ова беше тест за политичка доследност, ама изгледа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ се алергични на доследност, па избраа комотно да си тераат по старо. Ветувања? Програма? Тоа се само фрази за во кампања, не и нешто што треба да се испочитува кога веќе топло ви е во фотелја.
Зошто би се плашеле од една изборна единица? Затоа што таа носи рамноправност, транспарентност и пофер изборен резултат. А кога сите имаат фер шанса, големите партии како ВМРО-ДПМНЕ губат од комоцијата на монополот. Не може веќе да си кроиш пратенички мандати по географска припадност, не може да се калкулира кој каде е „сигурен“, и што е најстрашно, има опасност малите партии, независните листи и критичките гласови навистина да добијат шанса да се слушнат. Замислете, конкуренција! Ужас.
Па како да не се испаничат? Ќе мора да убедуваат луѓе да гласаат за нив поради идеи, не само поради машинерија. Ќе мора да се потрудат за доверба, наместо да се потпрат на длабоко вкоренетите партиски мрежи. Ќе мора, не дај Боже, да спуштат нешто од елитизмот и навистина да разговараат со граѓаните.
Парадоксот е што токму овие самоименувани реформатори со една рака потпишуваат нова ера, промени, побрзи ЕУ-интеграции, а со другата рака ѝ враќаат шлаканица на секоја идеја за правична изборна рамка. Гласот на народот? Да, ама филтриран низ шест изборни единици, калкулиран и обработен за да биде безбеден за нивниот политички комфорт.
И додека премиерот објаснува дека тој навистина нема проблем со една изборна единица, неговите пратеници му прават театар во живо, не изгласаа. Или пак тој само ја режира пародијава и секако режисерот никој не го гледа во филмов. Ама не, тоа не е раскол, тоа е демократска разновидност во рамки на партијата. Вистинска школска лекција по политичко мимикрирање, кажи едно, направи друго, обвини некој трет.
На крај, најискреното прашање што можеме да си го поставиме е: Дали Мицкоски и неговата екипа повеќе се плашат од една изборна единица или од она што таа го симболизира, вистинска демократија во која нема заштитени, нема влез од позади, нема сигурни мандати само затоа што си од нашите? Ако судиме според гласот денеска во Собрание, стравот е реален.

