Реакција на советникот и модератор на Левица, Димитар Абрашев, за односот на локалната власт кон културното наследство и споменик обележјето на Кочо Рацин во Велес.
Советникот на Левица во Општина Велес, Димитар Абрашев, преку јавна објава остро реагираше на одлуката на локалните власти за заградување на споменикот на Кочо Рацин, кој се наоѓа во центарот на градот. Според него, постапката е срамна, несоодветна и понижувачка за еден од најзначајните поети во македонската историја.
„На 63. седница на Советот на Општина Велес, одржана на 22 април 2025 година, со поддршка од советниците на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, се изгласа одлука за времено преместување на спомен-обележјето на Кочо Рацин. Причината? Споменикот бил пречка за градежните активности поврзани со изградбата на подземна катна гаража“, посочува Абрашев.
Според одлуката, споменикот треба да биде преместен во кругот на противпожарната станица во Велес, што според Абрашев е апсурден и понижувачки третман за личност од рангот на Рацин. „Во текот на дискусијата предложивме споменикот, наместо да ‘фаќа’ прашина во пожарна, да се премести на некоја достојна јавна локација. Но, добивме одговор дека тоа сега не е возможно бидејќи токму поради споменикот е закочена целата работа на гаражата“, пишува тој.
И покрај тоа што поминаа 50 дена од одлуката, споменикот сè уште не е преместен, но како што вели Абрашев, е „заробен“. Дел од околниот простор е ограден со лимени бариери и градежен материјал, што го прави споменикот недостапен и буквално скриен од јавноста.
„Денес, кога традиционално ќе положуваме цвеќе во чест на Рацин, споменикот ќе го одминеме. Затоа што е заробен. Затоа што за оваа власт тој е пречка, не вредност“, нагласува Абрашев.
Оваа одлука ја отвора и пошироката дебата за тоа како општинските власти го третираат културното наследство и дали економските интереси и градежни проекти ја имаат конечната моќ да ја избришат симболиката на националната меморија.
Кочо Рацин не е само поет. Тој е симбол на прогресивната мисла, на работничката борба, на јазичната еманципација. Ако Велес денес не наоѓа достојно место за неговиот споменик, што тоа говори за духовната состојба на градот?
Прашањето што останува е, зошто на Кочо Рацин, во неговиот Велес, му се скратува правото на јавен простор? И дали тоа е случајност или системска културна негрижа?
Абрашев завршува: „Доста е со молкот. Овој споменик е огледало на нашето општество. Ако дозволиме да биде скриен, запрашајте се, што уште ќе скријат од нас?“
Објавата на Абрашев ви ја пренесуваме во целост: