Во еден од најбизарните обиди за политичко перење раце досега, премиерот Христијан Мицкоски без пардон изјави дека Александар Нацев го знаел „само од телевизија“. Да, токму тој Нацев, поранешен пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, долгогодишен партиски функционер, советник по безбедносни прашања и човек со кој Мицкоски има повеќе заеднички фотографии одошто средби со новинари.
Јавноста, се разбира, не знае дали да се смее или да се згрозува. Ако премиерот навистина верува во она што го зборува, тогаш имаме сериозен проблем со неговото чувство за реалност. Ако пак свесно ја лаже јавноста, тогаш проблемот е уште поголем. Во двата случаи, станува збор за опасна мешавина од политички цинизам и интелектуално потценување на граѓаните.
Овој човек можеби ќе рече дека и Никола Груевски го знаел само од весници, коментираат саркастично корисници на социјалните мрежи. Во нормална држава, ваков невешт обид за дистанцирање од партиски кадар вмешан во скандали би значел крај на политичката кариера. Кај нас, тоа е само уште една прес-конференција.
Фактите, меѓутоа, зборуваат сами за себе: Нацев беше столб на безбедносната реторика на ВМРО-ДПМНЕ, постојано промовиран од истата партија што денес е на власт. Одеднаш, Мицкоски се обидува да го претстави како случаен минувач од малите екрани. Толку провидно, што дури станува навредливо.
Во политиката можеби сè е дозволено, но постојат граници на пристојност и елементарна почит кон јавноста. Мицкоски не само што ги прегази, туку со насмевка ги поништи. Народот не заборава, особено не вакви евтини лаги сервирани како вистина.
Видео превземено од Инфо Макс.