Партијата Левица алармира за економска нестабилност и растечки трошоци

Партијата Левица со остра реакција на најновите податоци за инфлацијата за мај 2025 година, оценувајќи дека Македонија се соочува со продлабочена економска нестабилност и дека цената на владините промашувања ја плаќаат најсиромашните слоеви на граѓани.

Според нивната анализа, инфлацијата измерена преку индексот на трошоците на животот во мај, изнесува 1.5% во однос на април, што на прв поглед изгледа умерено. Но Левица предупредува дека таквиот пристап е манипулативен, бидејќи меѓумесечната споредба не го покажува реалниот тренд, особено во месеци со сезонски флуктуации. Многу поалармантен е, велат оттаму, податокот за годишната инфлација – 3.3% во однос на мај 2024 година, што значително ја надминува таргетираната инфлација од 2% до 2.5%.

„Ова покажува дека македонскиот граѓанин живее сè поскапо, а заработува сè помалку во реални услови“, велат од партијата. Тие додаваат дека кумулативната инфлација од мај 2022 до мај 2025 достигнала 29%, што значи дека цените на основните животни производи и услуги пораснале за речиси една третина во само три години.

Од Левица обвинуваат дека Владата нема суштински план за справување со економската криза, ниту капацитет за контрола на цените, додека Централната банка, според нив, дејствува споро и неефикасно. Во вакви услови, велат тие, реалната вредност на платите опаѓа, а социјалната помош станува недоволна за егзистенција.

Како алтернатива, Левица предлага итни мерки: ефективна контрола на цените на основните производи, зголемување на минималната плата, унапредување на социјалната помош и транспарентна монетарна политика. „Без вакви праведни и конкретни чекори, инфлацијата ќе остане хроничен проблем кој најмногу ги погодува најранливите категории“, стои во соопштението на партијата.

Целата објава на партијата може да ја проследите во продолжение.

Може да ве интересира