На 1 јуни 2025 година, Владата му ја зголеми платата на директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, за 13,8%. Со ова покачување од 12.784 денари, неговата месечна бруто-плата сега изнесува 105.159 денари. Одлуката е објавена во најновиот број на Службен весник, без претходно јавна најава или образложение.
Ова покачување предизвика жестоки реакции, особено од синдикалните организации. Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, јавно ја коментираше одлуката преку Фејсбук, со саркастичен тон: „Платите растат, само не на работниците“. Тој укажа дека владата го кочи зголемувањето од 12,6% на платите на работниците во јавниот сектор, предвидено со Општиот колективен договор, под изговор дека тоа ќе ја зголемело инфлацијата. Но, очигледно, истиот стандард не важи за функционерите.
Пресметката е едноставна:
Стар коефициент: 2,24 × 41.239 денари (просечна плата) = 92.375 денари
Нов коефициент: 2,55 × 41.239 = 105.159 денари
Разлика, 12.784 денари месечно. Раст: 13,8% – и тоа без никакво јавно објаснување од Владата зошто токму Ангелов го заслужил тоа покачување.
Нема информација дали зголемувањето е резултат на „исклучителни заслуги“ во работата на ЦУК. Напротив, институцијата сѐ почесто се соочува со критики за нефункционалност, недоволна ефикасност во кризни ситуации и генерална неевидливост. Во меѓувреме, илјадници вработени во јавниот сектор – наставници, лекари, административци – сѐ уште чекаат да се реализира најавеното покачување на платите, или барем минималната плата да се доближи до ветените 500 евра.
Владата и понатаму функционира со двојни аршини, платите на функционерите се корегираат редовно и значајно, додека за работниците се нудат одложувања, прераспределби и изговори.
Покачувањето на платата на Стојанче Ангелов е показател за приоритетите на власта. И тие приоритети очигледно не се на страната на луѓето што ја држат државата во живот.

