Состанокот помеѓу претседателот на Јужна Африка, Сирил Рамафоса, и поранешниот американски претседател Доналд Трамп во Овалната соба започна со шега, но брзо премина во тензична размена, која подоцна доби и медиумски епилог.
„Жал ми е што немам авион да ви дадам,“ се пошегувал Рамафоса пред почетокот на разговорот, алудирајќи на луксузниот авион „Боинг 747“ што неодамна му беше подарен на Трамп од Катар. Според Пентагон, авионот бил формално прифатен во периодот додека Трамп го чекал Рамафоса на средбата.
Трамп, без двоумење, одговорил:
„Би сакал да го направите тоа. Би го прифатил. Ако вашата земја им понуди авион на воздухопловните сили на Соединетите Американски Држави, јас би го прифатил.“
Иако шегата предизвика смеа, вниманието брзо се пренасочи кон сериозни обвинувања. Состанокот ескалираше кога Трамп го обвини Рамафоса за „геноцид врз белото население во Јужна Африка“, при што емитуваше спорно видео. Подоцна, видеото беше објавено и на официјалниот профил на Белата куќа на социјалната мрежа Икс (поранешен Твитер), со наслов: „Докази за прогон во Јужна Африка“.
Подарокот од Катар, кој се проценува на околу 400 милиони долари, дополнително предизвика етички и правни дилеми во американската јавност и во Конгресот, каде што и републиканците и демократите изразија загриженост за транспарентноста и легалноста на вакви дипломатски донации.
И покрај шеговитиот почеток, средбата меѓу двајцата лидери заврши со политичка тежина, оставајќи отворени прашања за односите меѓу двете земји и за позициите на САД во однос на внатрешните прашања на Јужна Африка.

