Очи што не се затвораат – Сеќавање на Вера Јоциќ

„Три дена на раце те носевме збрана,
со тага и болка во погледот срчен,
и секоја капка од твојата рана
ко крвава жар ми капеше в срце.“ А.Шопов

На денешен ден, пред 81 година, кај селото Саса, Делчевско, животот го загуби една од најсветлите личности на македонската антифашистичка борба – Вера Јоциќ. Народна хероина, борец за слобода, жена која го пробиваше фашистичкиот обрач – денес ја спомнуваме не само како симбол, туку и како човечка трагедија што ја носи трагата на отпорот.

Родена на 21 август 1923 година во скопското село Синѓелиќ, во семејство кое се доселило од Србија по Балканските војни, Вера уште како гимназијалка го пронаоѓа својот пат во идеалите на слободата и правдата. Во 1941 година, во услови на распад на Кралството Југославија и почеток на Втората светска војна, таа станува членка на Сојузот на комунистичка младина на Југославија (СКОЈ). Својата младост не ја троши на тишина, туку на дејствување – заминува за Ваљево и се приклучува на Јастребачкиот партизански одред.

Вера не бира удобност. Таа учествува во партизански акции низ Србија, а подоцна се враќа во Македонија, каде продолжува да дејствува низ неколку одреди. Зимата 1942/43 ја затекнува тешко болна, со смрзнатини од долгите маршеви низ планините. Пренесена е во Ниш, каде закрепнува, но и таму не мирува – се вклучува во организирање на отпорот меѓу работничката класа, ја продолжува борбата и на болнички кревет.

Во 1943 година станува заменик-политички комесар на баталјоните „Орце Николов“ и „Христијан Тодоровски – Карпош“, каде нејзината решителност и харизма инспирираат стотици млади борци. Во текот на Пролетната офанзива во 1944 година, со својата единица учествува во жестоките борби кај Беласица, во обидот да се пробие бугарскиот фашистички обрач.

Судбоносниот миг доаѓа кај селото Страцин, каде Вера го предводи првиот јуриш. Била тешко ранета, но не дозволила борбата да запре. По три дена страдање, нејзиното срце престанува да чука на 22 мај 1944 година, кај селото Саса.

Нејзината смрт длабоко го потресува и младиот поет и партизан Ацо Шопов, кој во тоа време заедно со неа ги минува партизанските логори и борбени позиции во источна Македонија. Тие не само што биле соборци, туку и блиски другари, поврзани од идејата за слобода и заедничката младост изгубена во воениот пекол. Како сведоштво на таа загуба и таа врска, Шопов ѝ ја посветува една од најемотивните песни во македонската литература – „Очи“. Во неа, преку тагата по нејзините угаснати очи, тој ја испишува болката на цела една генерација што ја жртвува својата младост за идна слобода.

Таа не дочекува слобода, но нејзината жртва е темел на неа. По војната, Вера Јоциќ е прогласена за Народен херој на Југославија, а нејзиното име го носат училишта, улици, па дури и културни домови. Нејзината животна приказна ја надминува биографската рамка – таа станува симбол на женската борба, на отпорот против окупаторот, на младоста што не се покорила.

Во време кога ревизионизмот тивко се обидува да ги избрише трагите од антифашизмот, сеќавањето на Вера Јоциќ станува не само морална обврска, туку и чин на историска правда. Таа не е само лик на споменик или име на табла – таа е дел од колективното паметење на еден народ кој ја платил својата слобода со животите на најдобрите меѓу себе.

„И после! И после – в последната вечер…
Јас нејќам да мислам што потаму стана!
Сал помнам те изви крвавата рана,
прошталниот шепот ти замрзна в усни,
но гореа очи под веѓите густи!“ А.Шопов