Кинескиот производител на електрични возила BYD го претстави Dolphin Surf, нов модел што ќе се натпреварува на европскиот пазар на достапни електрични автомобили. Со почетна цена од 19.900 евра во Германија, моделот таргетира купувачи кои бараат компактен, но технолошки напреден градски автомобил.
Dolphin Surf е дериват на популарниот модел Seagull, но поголем и подобро опремен, со модерен дизајн, инфозабавен систем со ротирачки екран, напредни безбедносни функции и внатрешност со веганска кожа и 20 прегради. Се нуди во три варијанти со автономија до 507 километри во градско возење, а најмоќната верзија развива 115 kW (154 КС).
Со овој модел, BYD ги проширува своите позиции во Европа и најавува две фабрики – во Унгарија и Турција – за локално производство. „Dolphin Surf“ е дел од стратегијата на брендот за понуда на електрични возила достапни за поширока публика, со фокус на млади, семејства и еко-свесни возачи.