Мајката на Магдалена од Велес по трагедијата: „Нашите деца никогаш нема да пораснат, а убиецот ќе излезе и ќе си го живее животот“

Емилија Иванова, мајка на 11-годишната Магдалена од Велес, за првпат јавно проговори по трагедијата што ѝ го промени животот засекогаш – смртта на нејзината ќерка, прегазена од пијан возач без дозвола. Нејзината потресна исповед доаѓа по случајот со Фросина Кулакова, уште една млада жртва на сообраќајна несреќа предизвикана од несовесен возач.

„Нашето дете беше убиено на најсвиреп можен начин од лице со одземена возачка дозвола, под дејство на алкохол, со голема брзина во населено место“, изјави Иванова за „Фокус“. Таа додава дека несреќата не се случила на пешачки премин, како што беше првично објавено, туку на тротоарот, откако веќе ја поминале улицата.

Сторителот, Ангелчо Николов, по несреќата побегнал од местото и бил уапсен по два дена. Првично осуден на 18 години затвор, Апелациониот суд Скопје му ја намали казната на осум години, со образложение дека е млад, неженет и се каел.

„За вакви тешки дела, правична пресуда во нашата држава нема“, вели Иванова. Таа истакна дека судот повеќе се грижи за иднината на сторителот, отколку за уништените животи на родителите. „Нас не нè прашуваат ништо. Ние сме гласот на нашите деца, и мораме да се бориме, затоа што за нас правдина нема.“

Иванова остро реагира и на улогата на сопатниците во возилото, кои според неа се соучесници – „знаеле дека е пијан, без дозвола, и не го спречиле.“

Во изјавата, таа ја критикува и судската пракса, каде што за исто кривично дело, казните варираат од три до осум години затвор, додека за дела од помала тежина се изрекуваат повисоки казни. „Каква е пораката? Дека човечкиот живот вреди помалку од политички шамар или ситна кражба?“

Иванова истакна дека иако повисока казна нема да ја врати Магдалена, би можела барем да донесе делумен мир и да послужи како предупредување. „Нашите деца никогаш нема да пораснат, а сторителите по неколку години ќе излезат од затвор и ќе си го продолжат животот. Тоа е најголемата неправда.“

Таа завршува со порака до судиите и обвинителите: „Прашајте ги мајките како живеат по вакви трагедии. Ќе сфатите дека осум години затвор не значат ништо за некој што го изгубил највредното – сопственото дете.“

Текстот е превземен од Фокус