Смилев: Велес умира во агонија, езерото е само огледало – Скандинавска лага над мртвото Езеро Младост

Игор Смилев, активист и советник во Советот на општина Велес, повторно жестоко реагираше на социјалните мрежи, овојпат поради состојбата со езерото Младост – некогашен бисер на природата, денес метафора за јавната апатија, загадувањето и политичката нефункционалност. Во својата најнова објава, Смилев иронично забележува дека „Мртво е езерото Младост, ко што е мртов и народот во Македонија“, поврзувајќи го еколошкиот колапс со пошироката слика на општествениот распад.

„Пак чекаме полтроните на Мицко да не лажат дека цветаат алгите и се мрести крапот“, продолжува Смилев, алудирајќи на политичките гласноговорници кои со години упорно фарбаат слика за некаков напредок и „скандинавски услови“, додека реалноста околу нив е се’ освен тоа. Тој саркастично додава дека живееме во „скандинавска општина Велес, со скандинавски градоначалник и скандинавски манири“, додека градот всушност умира во агонија, затруен со фекалии, непотизам и неспособност.

Ова не е само критика за еколошката состојба на езерото, туку и за општото уништување на јавниот простор, институционалната одговорност и достоинството на граѓанинот. Велес, според Смилев, е симбол на поширокиот македонски синдром – место каде што фалшот се наградува, гласот на разумот се игнорира, а вистинската грижа за јавниот интерес е заменета со партиска ароганција и медиумски шминки.

Патките на езерото, како што вели тој, пливаат во нечистотија, исто како што граѓаните се принудени да „пливаат“ во политичкиот отпад што се создава веќе три децении. Фекалии и лаги – таа е водата што ни ја нудат властите, а сите ние сме, симболично, тие патки што пливаат без отпор, навикнати на смрдеата.

Смилев повторно потсетува дека критиката не е хоби, туку потреба. Дека лојалноста кон вистината и борбата за јавниот интерес не треба да се гуши со манипулативни приказни за некаков „развој“. И дека – ако не се разбудиме – не само езерото, туку и целиот град, целата земја, ќе стане мртво езеро на Балканот.

Може да ве интересира