Левица: Новиот Закон за енергетика не ги штити граѓаните и националните интереси

Партијата Левица остро се спротивстави на новиот Предлог-закон за енергетика, оценувајќи дека истиот не обезбедува заштита на потрошувачите, го загрозува јавниот интерес и продолжува со либерализација на енергетскиот сектор на штета на националната безбедност.

Од вкупно 11 амандмани што пратениците на Левица ги поднесоа на предлог-законот, само четири беа прифатени. Неприфатените амандмани, како што наведуваат од партијата, биле клучни и се однесувале на:

  • Заштита на потрошувачите од нереално високи сметки за електрична енергија;
  • Превземање државна контрола врз енергетскиот пазар и спречување на монополски практики;
  • Подобрување на надзорот и одговорноста на Регулаторната комисија за енергетика;
  • Бесплатна правна заштита за граѓаните во постапките пред Регулаторната комисија.

„Иако прифатениот дел опфаќа неколку технички подобрувања, како пријавување судири на интереси и казни за неевидентирани приходи кај дистрибутерите, суштината на законот останува непроменета – тој го отвора патот кон целосна приватизација на енергетскиот сектор“, велат од Левица.

Партијата предупредува дека ваквата либерализација веќе се покажа погубна во други држави, каде што довела до повисоки сметки за струја, зголемена социјална нееднаквост и намален квалитет на услугите.

„Овој закон уште еднаш покажува дека актуелната власт нема намера да ги стави енергетските ресурси во служба на граѓаните. Напротив, со него се отвора можност стратешките капацитети да преминат во рацете на профитно ориентирани компании“, предупредуваат од Левица.

Партијата останува на ставот дека енергетските ресурси мора да останат во државна сопственост и под јавна контрола, како основа за економска стабилност, социјална правичност и независност на државата.