Левица алармира: Нелегални практики на млекарниците го загрозуваат домашното млекопроизводство

Секторот за земјоделие на политичката партија Левица денеска остро реагираше на, како што велат, манипулациите со откупот на сурово млеко од домашните млекопроизводители, предупредувајќи дека сточарството и млекопроизводството се доведени во сериозен ризик.

Според партијата, голем број сточари во изминатите денови се пожалиле на намалување на цената на откуп на млеко од страна на млекарниците, како и на откуп без издавање кантарни белешки – што е спротивно на законските обврски.

„Млекарниците откупуваат млеко без да им дадат белешки на производителите за количината и цената, а потоа исплаќаат по неколку денари пониски цени од договорените. Ова е класичен криминал на грбот на млекопроизводителите“, стои во соопштението на Левица.

Од таму посочуваат дека според Законот за земјоделство и рурален развој, откупувачите се должни да издаваат белешки за секој откуп и навремено да ја објават цената по која откупуваат, без право на нејзино менување без седумдневна најава. Меѓутоа, во пракса, велат од Левица, овие обврски масовно се прекршуваат, а надлежните институции не реагираат.

„Министерството за земјоделство и земјоделскиот инспекторат молчат и ги држат очите затворени, додека пред нивниот нос се крадат македонските земјоделци“, порача Левица.

Во соопштението, партијата го обвинува актуелниот министер Цветан Трипуновски и владината коалиција ДПМНЕ-ВРЕДИ-ЗНАМ дека со своите политики намерно го уништуваат домашното млекопроизводство во корист на увозно, неквалитетно и евтино млеко.

„Левица дава целосна поддршка на млекопроизводителите и ги охрабруваме да бидат гласни и решителни во својата борба против оваа неокапиталистичка клиентелистичка власт“, велат од партијата.

Партијата повика на итно преземање мерки од надлежните институции и отворање постапки против млекарниците што ги кршат законските обврски, со цел заштита на сточарите и стабилизирање на домашното производство на млеко.

Целото соопштение во продолжение:

Може да ве интересира