Заедничка декларација на ОМО „Илинден“-ПИРИН и МАЕИ: Европска поддршка за македонскиот идентитет

Европската слободна алијанса (ЕФА) на своето Генерално собрание одржано во саботата во Нант, Шпанија, донесе резолуција за заштита на македонскиот идентитет во земјите на Европската Унија и земјите кандидати. Резолуцијата е предложена од Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) и ОМО „Илинден“-Пирин.

Во текстот, ЕФА изразува сериозна загриженост за положбата на Македонците во Бугарија и Албанија, наведувајќи дека тие се автохтоно население со свој македонски јазик, култура и традиции, кои се подложени на системска дискриминација, асимилација и негирање на нивниот идентитет.

Резолуцијата директно ја осудува бугарската политика на негирање на македонската нација, блокирањето на европскиот пат на Македонија, како и создавањето вештачко бугарско малцинство во Албанија преку масовно доделување државјанства. Истовремено, ЕФА ги осудува правните постапки насочени против МАЕИ и притисоците врз Македонците во Албанија, како и незаконското издавање на „сертификати за бугарско потекло“ од албански општини.

ЕФА бара Бугарија да ги укине сите услови за македонското пристапување во ЕУ кои се спротивни на Копенхашките критериуми и да ги признае истите малцински права за Македонците, какви што ги бара за Бугарите во Македонија. Резолуцијата повикува и на итно запирање на политичката агресија врз македонското малцинство во Албанија.

Дополнително, Европската слободна алијанса бара од институциите на ЕУ:

  • Да се отвори ново прашање за малцинствата во пост-мониторинг процесот за Бугарија;
  • Да се спроведе детална истрага за третманот на македонските малцинства во Бугарија, Албанија и Грција;
  • Експлицитно да се спомене „етничко македонско малцинство“ во документите на ЕУ;
  • Да се гарантира правото на самоопределување и употреба на македонскиот јазик;
  • Да се укинат административните бариери за пристап до европски грантови кои ги маргинализираат македонските организации.

Според образложението на ЕФА, оваа иницијатива произлегува од растечките притисоци врз македонскиот идентитет во соседните држави и од неуспехот на ЕУ досега јасно и отворено да го признае и заштити македонското малцинство.

Може да ве интересира