Левица: Профитот пред човечкиот живот – Градилиштата се претвораат во смртоносни зони, институциите замижани

Левица остро алармира за зголемениот број трагедии на градилиштата и за смртоносните последици од нефункционалниот систем кој го става профитот пред животот на работниците. Во сенка на урбаното дивеење и растечките профити на градежните компании, сè повеќе работници во Македонија го губат животот на работното место, а државата молчи. Податоците за 2024 година алармираат: градежништвото, заедно со транспортот, е на врвот по број на загинати работници – по четири во секоја дејност. Вкупно 22 тешки несреќи се евидентирани само во градежниот сектор, што повторно го позиционира како една од најсмртоносните индустрии во земјата.

„Градежните компании профитираат, институциите молчат, а се повеќе работници ги губат своите животи на работното место, тивко и незабележливо. Во време кога урбаното дивеење доживува експанзија, градежните компании остваруваат рекордни заработувачки, збогатувањето на инвеститорите се гради врз потта и животите на работниците.

Загрижувачки се податоците за состојбата со безбедноста на работните места во 2024 година, особено во областа на градежништвото – моторот на урбаниот раст и профитот, каде се регистрирани најмногу (вкупно 22) несреќи. Уште пострашен е фактот, што алармира дека градежништвото е една од најсмртоносните дејности во државата, дели прво место по смртност со транспортот – со по 4 изгубени животи! Градежната индустрија веќе со години предничи пред сите останати по овие негативни параметри, но за жал реакција од страна на државата нема.

Овие податоци не се случајност. Тие се директна последица на системот што го става профитот на компаниите пред животот на градежниот работник! Ја прашуваме власта, зошто отсуствува институционалната заштита на работниците? – Вработените во овој сектор тврдат дека за неисполнувањето на обврските за заштита при работа на нивните работодавачи нема никаква одговорност. Додека инспекциските надзори се прават само формално и најчесто по претходна дојава до работодавачите.

Работникот кој секојдневно работи на висина, без адекватна заштитна опрема, без соодвена обука, со минимален или никаков надзор, многу често непријавен, без никакви права од работен однос и под принуда за континуирана прекувремена работа, својот живот го става во рацете на неказнивоста од страна на институциите.

Се поставуваат прашањата: Колку човечки животи чинат новите станови и трговски центри? – И, Зошто оние кои ги градат – немаат никаква заштита од државата и институциите? Нефункционалните институции, го прават работникот правно невидлив, институционално напуштен, а неговата безбедност е во рацете на добрата волја на инвеститорот – кој го книжи својот профит!

Левица бара власта итно да воспостави строг и функционален систем на инспекција, санкции и превенција. Ги повикуваме Министерот за економија и труд – Бесар Дурмиши, како и директорката на Трудовиот инспекторат – Весна Томовска, во налет на градежната сезона, да отпочнат со интензивни и строги инспекциски надзори, секаде каде што се вршат градежни работи, пред повторно да биде предоцна.

Правата на работниците, особено безбедноста и заштитата при работа, мора да биде приоритет, а инспекторите мора да бидат на терен – не само на хартија. Безбедноста на работникот е обврска! Секој изгубен живот на работно место – градилиште, не е несреќа туку резултат на систем што одбрал да не интервенира.“

Со урбанизација која сè повеќе се темели врз експлоатација, повикот на Левица доаѓа како предупредување: без темелна реформа и одговорност, секој нареден работен ден може да биде последен за некој градежен работник.

Може да ве интересира