АктуелноЛокално

Родителите на загинатите деца од Кочани ја одбија поканата од премиерот Мицковски: „Предоцна е!“

Родителите на трагично загинатите млади во несреќата што се случи во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март годинава, ја одбија поканата за средба од премиерот Христијан Мицковски, оценувајќи ја како задоцнета и нечуствителна.

Во официјално соопштение доставено до медиумите, родителите информираат дека телефонската покана од Кабинетот на премиерот за состанок закажан на 13 мај во Скопје не е прифатена. Како причина наведуваат дека поканата пристигнала прекасно и не го уважува нивното претходно барање средбата да се одржи во Кочани — местото каде што се случи трагедијата и каде што, како што посочуваат, дел од родителите не се во можност да патуваат поради здравствени и психолошки последици.

„Сметавме дека предлогот за средба во Кочани е разумен и оправдан“, се наведува во соопштението, со нагласување дека станува збор за заеднички став на мнозинството родители, без претензија дека говори во име на секој поединечно.

Во контекст на нивната борба за одговорност и правда, родителите ги повикаа граѓаните да се приклучат на „Маршот на ангелите“ кој ќе се одржи во сабота, 10 мај, со почеток во 16:05 часот. Маршот е организиран како чин на сеќавање и протест поради, како што велат, институционалниот молк и одложено дејствување по трагедијата.

Оваа одлука доаѓа во момент на засилена јавна дебата за одговорноста на институциите поради безбедносните пропусти кои доведоа до смртта на повеќе млади луѓе во кобната вечер. Родителите неколкупати досега повикаа на транспарентна истрага и санкции за сите одговорни.

Досега нема официјален одговор од Кабинетот на премиерот по однос на одбиената покана.

Целото соопштение во продолжение:

Во врска со телефонската покана од Кабинетот на Премиерот Христијан Мицковски за
остварување средба со нас, родителите на трагично починатите деца во дискотеката
„Пулс“, закажана за 13 мај 2025 година во 15:00 часот во Скопје, Ве информираме дека
поканата не ја прифаќаме поради нејзиното доцнење.

Истовремено, Ве известуваме дека Премиерот беше поканет од сите родители на
починатите деца да дојде во Кочани и таму да се организира средбата, во форма и
содржина каква што сметаат за соодветна. Со оглед на тоа дека дел од родителите не се
во можност да патуваат поради последиците од трагедијата што се случи на 16 март 2025
година во дискотеката „Пулс“ во Кочани, сметавме дека предлогот за средба во Кочани е
разумен и оправдан.

Воедно, сакаме да истакнеме дека ставовите во ова соопштение ги изразуваат
мнозинството од родителите, но не претендираме да говориме во име на секој
поединечно.

Дополнително, ги повикуваме сите граѓани кои сакаат да изразат поддршка да
присуствуваат на „Маршот на ангелите“, кој ќе се одржи на 10 мај 2025 година (сабота), со
почеток во 16:05 часот.

Ова известување го доставуваме до медиумите со цел да ја информираме јавноста за
нашата заедничка одлука и став.

Со почит,

Родителите на трагично починатите деца во дискотеката „Пулс“ – Кочани