(Видео) Москва го одбележа Денот на Победата: Путин со историска порака за единство и зачувување на традицијата и националните вредности

Во духот на традицијата и со голема воена парада на Црвениот плоштад, Русија денес ја одбележа 80-тата годишнина од Победата над фашизмот во Големата Татковинска војна. Претседателот Владимир Путин, во своето обраќање пред илјадници присутни и милиони граѓани пред малите екрани, упати порака на единство, историска свест и отпор кон искривувањето на вистината за Втората светска војна.

„Денес нè обединуваат чувства на радост и тага, гордост и благодарност“, рече Путин, потсетувајќи на огромната жртва што ја поднесе Советскиот Сојуз за слободата и мирот на човештвото. Тој оддаде почит на генерациите кои го уништија нацизмот, истакнувајќи дека 9 Мај останува најсветол и најзначаен празник за секое руско семејство.

Во својот говор, претседателот подвлече дека Русија верно го чува сеќавањето на историската победа, а обврската на новите генерации е да ја бранат Татковината и нејзините традиционални вредности. „Нашите татковци и дедовци ни дадоа завет да бидеме обединети и да ја браниме нашата историја, култура и сè што ни е свето“, додаде тој.

Путин остро се спротивстави на обидите за искривување на историските факти за војната, како и на тенденциите да се рехабилитираат злосторниците и да се негира придонесот на Црвената армија. „Никогаш нема да се согласиме со обидите да се клеветат вистинските победници“, истакна тој.

Осврнувајќи се на актуелните геополитички предизвици, претседателот порача дека Русија ќе продолжи да биде „неуништлива бариера против нацизмот, русофобијата и антисемитизмот“, и ја изрази поддршката на народот кон учесниците во специјалната воена операција, кои, како што рече, ја продолжуваат традицијата на храброст и победа.

Целосниот настан беше проследен со импресивна воена парада, прелет на авијацијата и положување венци на спомениците на хероите од Втората светска војна, во знак на сеќавање и благодарност кон паднатите.

Видео од говорот и од воената парада во продолжение: