АктуелноИнтернационално

Си и Путин со заедничка порака од Москва: Остра критика кон САД и НАТО

За време на посетата на кинескиот претседател Си Џинпинг на Москва, по повод 80-годишнината од победата над фашизмот во Втората светска војна, Кина и Русија упатија заедничка изјава во која жестоко ги критикуваат Соединетите Американски Држави и нивните геополитички „игри“.

Двајцата лидери, кои разговараа речиси четири часа потпишаа документ со кој обвинија дека „одредени земји“ се обидуваат да ги искриват историските факти за исходот на Втората светска војна, алудирајќи на колективниот Запад. Си најави и дека ќе го пречека Путин во Кина на есен, по повод одбележувањето на поразот на Јапонија во 1945 година.

Во заедничката изјава се вели дека САД и нивните сојузници се обидуваат да го прошират НАТО кон Азиско-пацифичкиот регион, преку создавање „затворени сојузи“ и спроведување на Индо-пацифичка стратегија која, според Москва и Пекинг, ги поткопува мирот и стабилноста во регионот.

Кина и Русија исто така заеднички ги осудија економските санкции воведени од страна на Западот без согласност на Советот за безбедност на ОН, оценувајќи ги како прекршување на меѓународното право и уривање на глобалната безбедност.

Посетата на Си доаѓа во период на засилени тензии меѓу Кина и САД, кои веќе неколку години водат трговска војна, додека Вашингтон ја зголемува дипломатската и економската поддршка за Тајван. Оваа недела, Си порача дека Втората светска војна симболично значела и „ослободување на Тајван“, кој Пекинг го смета за неотуѓив дел од кинеската територија.

„Русија цврсто ги поддржува мерките на Кина за заштита на суверенитетот и постигнување национално обединување“, се наведува во документот.

И покрај тоа што двете земји немаат формален воен сојуз, нивната безбедносна соработка станува сè поинтензивна. Минатата година, според податоци од аналитичкиот центар „ЧајнаПауер“, биле одржани 14 заеднички воени вежби. Денес, почесната гарда на Кинеската армија за првпат од 2015 година повторно учествува на парадата на Црвениот плоштад во Москва.

Оваа средба уште еднаш ја потврди стратегиската насоченост на Москва и Пекинг кон меѓусебна поддршка и координација како противтежа на американското малигно влијание во светот.