Македонија со 33.000 жртви во борбата против фашизмот: Светот денес го одбележува Денот на победата
Денеска се одбележува 80-годишнината од победата над фашизмот – датумот кога, со потпишувањето на безусловната капитулација на нацистичка Германија, беше ставен крај на Втората светска војна на европско тло.
На 9 мај 1945 година, во разурнатиот Берлин, германскиот фелдмаршал Вилхелм Кајтел, генералот Ханс Јирген Штумпф и адмиралот Ханс Георг фон Фридебург го потпишаа документот за капитулација во име на Третиот рајх. Од страна на сојузниците, документот го потпишаа рускиот маршал Георги Жуков и британскиот генерал Артур Тедер.
Втората светска војна беше најголемиот вооружен конфликт во историјата на човештвото, во кој учествуваа 61 држава со 2,1 милијарда жители – речиси 96 отсто од тогашната светска популација. Војната однесе повеќе од 50 милиони животи, од кои 20 милиони беа од Советскиот Сојуз, а повеќе од 30 милиони беа цивили. Во нацистичките логори беа убиени околу 12,5 милиони луѓе, меѓу нив и шест милиони Евреи.
Во борбата против фашизмот активно учествуваше и Македонија, која како дел од антифашистичката коалиција плати висока цена – околу 33.000 загинати, според историските проценки. Меѓу нив беа и над 7.000 македонски Евреи, депортирани во логорот на смртта – Треблинка.
Војната на Далечниот исток заврши неколку месеци подоцна, на 2 септември 1945 година, по капитулацијата на Јапонија, која следеше по атомските бомбардирања на Хирошима и Нагасаки од страна на САД.
По повод Денот на победата, бројни државни и граѓански делегации денеска положуваат свежо цвеќе пред спомениците низ Скопје и цела Македонија, оддавајќи почит на сите кои го положија својот живот за слободата и поразот на фашизмот.