Левица оддаде почит на борците од НОБ: „Антифашизмот е темел на македонската државност“
По повод Денот на победата над фашизмот, партијата Левица денеска одржа свечена комеморација на Партизанските гробишта во Бутел, каде официјална делегација положи свежо цвеќе и оддаде почит на загинатите борци од Народноослободителната борба.
Во делегацијата учествуваа пратениците Амар Мециновиќ и Јована Мојсоска, како и раководителката на младинската организација на партијата „Црвена младина“, Милица Давчева. Тие ја нагласија потребата од постојано сеќавање на историската борба против фашизмот и зачувување на антифашистичките вредности врз кои е изградена современата македонска држава.
„Слободата не е подарок, туку резултат на пожртвуваната борба на илјадници храбри борци“, порачаа од Левица, истакнувајќи дека АСНОМ и НОБ се темелите на македонската државност, а антифашизмот не е само идеологија, туку „суштина на нашето постоење“.
Партијата предупреди на, како што наведува, современи облици на фашизам замаскирани во евроатлантска реторика и историски ревизионизам. „Кога се изедначуваат жртвите и агресорите, а властите молчат пред негирањето на фашистичката окупација, потребно е гласно да се брани историската вистина и народната чест“, се вели во нивното соопштение.
Од Левица потенцираат дека нивната борба продолжува – не само за историската вистина, туку и за социјална правда, против капиталистичкото угнетување, новиот империјализам и неофашистичките тенденции.
„Да не дозволиме никогаш да биде избришана крвавата, но достоинствена историја на македонскиот отпор. Еднаш победивме фашизам – ќе победиме пак“, завршуваат од Левица.
Целото соопштение во продолжение: