Настани

Десет години од Диво Насеље: Куманово се сеќава и повикува на мир

Денес се навршуваат точно десет години од крвавиот инцидент во кумановската населба позната како „Диво Насеље“, кога на 9 и 10 мај 2015 година во жестока и долготрајна престрелка животот го загубија осум припадници на безбедносните сили, а беа повредени уште 37.

Во вооружениот конфликт кој траеше 28 часа, животите ги загубија Љубиша Аранѓеловиќ, Бобан Ивановиќ, Горан Илијевски, Жарко Кузмановски, Исамедин Османи, Сашо Самојловски, Ненад Серафимовски и Горан Стојменовиќ. Тие беа посмртно одликувани со медали за храброст, а нивната жртва останува врежана во колективната меморија на Куманово и Македонија.

Во чест на загинатите, во кругот на СВР Куманово беше откриена спомен-плоча, а во централното градско подрачје осамна муралот „Хероите живеат вечно“, кој сведочи за храброста и посветеноста на полициските службеници кои го дадоа својот живот за стабилноста на државата.

Куманово во тие мајски денови од 2015 година живееше во целосен страв. Населбата „Тоде Мендол“, позната како „Диво Насеље“, беше целосно изолирана, додека безбедносните сили водеа акција против тешко вооружена група. Над градот надлетуваа хеликоптери, жителите беа евакуирани, а звукот на оружје ги потресе сите граѓани.

По една деценија, жителите на Куманово со болка се сеќаваат на деновите на теророт, но и испраќаат јасна порака – „Никогаш повеќе Диво Насеље“. Настанот останува како трагично потсетување на ранливоста на мирот и важноста од стабилни и безбедни институции.