Став

Велевски: Москва испраќа покани – Брисел само уцени

Советникот на Левица во Советот на Општина Битола, Горан Велевски, денеска преку својата официјална Фејсбук страница објави дека лидерот на партијата, Димитар Апасиев, добил официјална покана од Руската Федерација за учество на прославата по повод „80-годишнината од победата над фашизмот во Втората светска војна“, која ќе се одржи со парада на Црвениот плоштад во Москва.

Во својата објава, Велевски го истакна овој настан како „пример за алтернативна надворешна политика“, критикувајќи ја досегашната евроатлантска ориентација на македонските влади, за која вели дека не донела никаков вистински бенефит за државата.

„Додека Левица воспоставува дипломатски односи со економски и геополитички силни држави, ВМРО-ДПМНЕ се поврзува со бугарски пасоши, бизниси и фашистички здруженија, а СДСМ останува доследна на евроатлантскиот диктат“, напиша Велевски.

Во објавата следува серија на критички осврти на значајни настани од изминатите три децении, почнувајќи од конфликтот во 2001 година, за кој тој тврди дека бил „режиран од НАТО“, преку афери со воени набавки, вето од Грција и Бугарија за ЕУ интеграции, до последиците од Преспанскиот договор.

Советникот потсети и на одлуката на Македонија да станe членка на НАТО во 2020 година, за што, според него, државата издвојува значителни средства за „модернизација која не се реализира“. Како особено спорни ги посочи и настаните поврзани со испраќањето неисправна воена опрема во 2022 година, отворањето на бугарски клубови во Битола и Охрид, како и протерувањето на пет руски дипломати.

Велевски ја критикуваше и Парадата на гордоста во Скопје, оценувајќи ја како дел од вредностите што Европската Унија ги наметнува на земјата, додека „реалните проблеми на народот остануваат нерешени“.

На крајот, тој посочи дека „новиот мултиполарен светски поредок“ нуди алтернатива за Македонија, преку „партнерства со земји со стабилни економии“, како Русија и Кина, и го најави примерот на Левица како модел за стабилност и економска профитабилност.

Целиот негов статус во продолжение: