Ристо Димитров Чурино: Борбата продолжува – од ММА шампион до глобален инвеститор
Интервју со Ристо Димитров – Чурино – долгогодишен професионален спортист, борец, натпреварувач и шампион во многу спортски дисциплини, ултрамаратонец, добитник на бројни домашни и интернационални награди, и денешен сопственик на Dimitrov SPC – првата македонска инвестициона компанија во Султанатот Оман. Добитник на признанија како најдобар спортист, најдобар ММА борец, носител на титулата Спортист на годината, амбасадор од Битола за промовирање на спортот во светот, како и светски и европски шампион во категоријата до 66 и 70 килограми.
Антропол: Што ве одведе надвор од Македонија – зошто токму Оман, и дали таму го најдовте она што тука недостасуваше?
Р.Д: На почеток, ги поздравувам вашите читатели.
Оман беше случаен избор, добив работа во UFC GYM Dubai која тогаш беше ново отворена како ММА тренер. Пред да заминам, ме прашаа дали би сакал да бидам првиот тренер во новата сала што се отвораше во Султанатот Оман и да ја поставам програмата за боречки вештини. Тогаш првпат слушнав за Оман и си реков: зошто да не? Ако не ми се допадне, секогаш можам да се вратам назад или пак да отидам во Дубаи. Имав 6 месеци пробен период. Кога дојдов тука, се изненадив од земјата на позитивен начин – прекрасна земја, чиста, со мирни и културни луѓе.
Во Оман најдов мир. Луѓето тука ме ценат и ја ценат мојата работа, а тоа е моја шанса за напредок. Дојдов како тренер, а сега сум инвеститор и сопственик на своја компанија – нешто што во нашата Македонија, за жал со поштена работа не можеш да го постигнеш. Сега сам си го диктирам времето, распоредот и работам кога сакам и колку сакам. Слободата и почитта која ја добивам се непроценливи.
Антропол: Во јавноста често се вели дека Македонија не нуди премногу услови за развој на професионалниот спорт – дали вашето искуство го потврдува тоа?
Р.Д: Јас би рекол дека спортистите во Македонија се вистински херои и борци. Условите во кои работат и тренираат се катастрофални и 90% од постигнатите резултати се со сопствен труд, пот и мака, без никаква помош. Сепак, секаде низ светот гордо ја претставуваат својата земја и своите општини, гордо го веат нашето знаме. Еден спортист да се подготви кај нас за професионален натпревар, самиот ќе вложи многу, а повратот е помалку од минимален. Многу од нашите спортисти мораат да работат за да преживеат, а спортот заради тоа им е во втор план. Сепак, се наоѓаат рамо до рамо со светските спортски имиња и носат огромни успеси, особено во индивидуалните и боречките спортови, кои се најмалку вреднувани и најмалку се вложува во нив.
Антропол: Како генерален менаџер на „Pump Fitness“ и тренер во „UFC Gym“ во Оман, сте работеле со спортисти од различни култури. Што научивте од тоа,а би можело да се примени и дома?
Р.Д: Работата во UFC GYM Oman ми донесе искуство и како тренер и како фитнес и како ивент менаџер, кое го применувам и денес. Имавме најразлични обуки и знаења кои ги стекнувавме од светски тренери и менаџери од секаде од светот. Еднаш на три месеци имавме специјална обука од обучувачи од централата во Америка, кои ни ги пренесуваа искуствата и знаењата стекнати во нивната многугодишна успешна работа. Тие знаења и искуства ги применувам и до денес во мојата работа и ми донесоа одлични резултати.
Во Македонија мислам дека сала како UFC GYM би била многу успешна. Можеби еден ден, со Божја помош, ќе отворам сала во Македонија по тој систем и принцип.
Антропол: Како професионалец кој потекнува од Битола и низ години на тренинг и натпревари се етаблиравте и надвор од земјата – дали локалните клубови имаат капацитет да изградат спортисти од ваш ранг ако добијат институционална поддршка?
Р,Д: Ние со минимални, да не речам никакви услови, бевме пионери во тие спортови и постигнавме огромни успеси на светската сцена. Се здобивме со искуство кое може да го пренесеме на младите спортисти. Македонија е расадник на талентирани спортисти. Со мали вложувања во тие млади деца, нивните услови и тренери, јас мислам дека ќе постигнат огромни успеси на светско ниво, а веќе постигнуваат со овие услови. Замислете да се вложи во нив.
Антропол: Каде денес е вашиот фокус: во личните борби или во поддршка на другите?
Р.Д: Ако правилно се испланира денот, има време за сè. Станувам во 5 часот наутро, во 6 веќе тренирам, потоа појадок и се почнува со работа. Некогаш работам и по 14 часа на ден. Нема успех без напорна работа (освен кај нас во цутот на клиентелизмот). Ама кога ќе видиш од каде до каде си стигнал со напорна работа, што си направил и каде си, тоа ти дава мотив за уште повеќе да работиш.
Моментално мојот фокус е на мојот бизнис, да се распространи и да стигнеме со компанијата до едно поголемо ниво. Ги тренирам и мотивирам моите ученици да ги следат моите стапки, да тренираат напорно, да се натпреваруваат и да постигнат уште поголеми успеси од нас. Тие секогаш ќе ја имаат мојата помош и поддршка. А борбите и натпреварите се моја пасија и нешто што го правам од љубов кон спортот.
Антропол: Најавивте нова борба во Хрватска – што можеме да очекуваме од таа пресметка и какво значење има за вас настапот на таа сцена?
Р.Д: Оваа борба е голема и значајна за мене. Јас сум шампион на BFN до 70 кг и имам млад и надежен предизвикувач од Унгарија кој ќе проба да ја земе титулата. Јас сум во топ форма, најдобра до сега, и се разбира, појасот ќе остане кај мене. Можете да очекувате одлична и возбудлива борба.
Антропол: Дали размислувате за враќање во Македонија и вложување во развојот на домашната ММА сцена, или верувате дека тој потенцијал засега останува нереализиран?
Р.Д: Се разбира дека сум размислувал и тоа ми е сонот. Го сакам Оман, ама дома си е дома. Како Битола нема друга. Можеби еден ден, ако се сменат условите, политиката и македонскиот менталитет, ќе се вратам и ќе вложам и пари, искуство и знаење во Македонија, македонскиот спорт и нашите млади спортисти. Тие се нашата иднина и вистински амбасадори на нашата земја низ светот. Тие навистина заслужуваат.