Пратеникот од Левица, Саше Јанчев, бурно реагираше на условите што му ги понудиле за пратеничка канцеларија во Прилеп, објавувајќи фотографии и детали од запуштениот простор кој, како што вели, му бил доделен по скоро една година чекање.
„Ова е руина. Таванот прокиснува, подот е подуен од влага, вратата тешко се отвора, а мирисот внатре е за повраќање“, вели Јанчев во својата објава. Според него, просторот бил поранешна коњушница од времето на Југославија, потоа стара општинска зграда, а сега – дом на некои државни органи и деца со посебни потреби, кои престојуваат во дел од објектот обраснат со треви високи и до еден метар.
„Во вакви услови треба да пречекувам граѓани? Да ги гледам во очи додека влагата тече по ѕидовите, а прозорите не се затвораат?“, прашува пратеникот. Тој вели дека одлучил канцеларијата да биде во Прилеп како најголем град во изборната единица 4, но дека по речиси една година обиди – конечно добил простор од Општината, кој не е ниту правно расчистен. „Сега службеници ми велат дека треба уште една институција да даде согласност бидејќи просторот не бил на Општината, иако ми го доделија.“

Јанчев открива дека ситуацијата се комплицира и поради партиски препукувања – од СДСМ се жалеле зошто канцеларијата му била дадена на пратеник од Левица, па сега требало и да се дели.
„За 30 години, ни СДС, ни ДПМНЕ не се сетија ни да го обелат она што беше направено во Југославија. Во тие руини ги сместуваат државните институции, па и лицата со посебни потреби“, посочува Јанчев, додавајќи дека ако не добие функционален простор, „ќе почне да прима граѓани пред влезот на Општина Прилеп“.
Овој случај фрла ново светло врз начинот на кој државата и локалната власт ги третираат избраните претставници и институциите – не само како симбол на политички игри, туку и како слика на општа нефункционалност и институционален распад.

