Интервју со Н.Е. Су Леи, амбасадор на НР Кина: Нема победник во царинските војни – Македонија има голем потенцијал во НР Кина
- Интервјуто е преземено од порталот МКИнформер
Г-дин Су Леи, вршител на должноста амбасадор во Амбасадата на Народна Република Кина во Република Македонија, одговара на прашања во врска со реципрочните тарифи на САД.
Неодамна САД воведоа драстични царини за производи од НР КИНА, какво е вашето мислење за истите?
Неодамна, Соединетите Американски Држави отидоа спротивно на светскиот тренд користејќи ги тарифите како оружје за недискриминирачки напади врз многу земји, отворено ставајќи ги сопствените интереси над заедничките интереси на сите земји, притоа создавајќи огромен хаос и неизвесност на глобално ниво, предизвикувајќи огромни шокови на пазарите на капитал, зголемувајќи ја веројатноста за глобална економска рецесија и сериозно влијаејќи врз меѓународните економски и трговски правила и поредок.
Ова е типичен чин на унилатерализам, протекционизам и економски булинг. Претседателката на Европската комисија, Фон дер Лајен, даде изјава каде вели дека „реципрочните тарифи“ на САД се спротивни на целите што Соединетите Американски Држави сакаат да ги постигнат и ќе нанесат „тежок удар“ врз глобалната економија.
Лидерите на неколку европски земји, исто така, изразија загриженост за негативните ефекти од овој потег. Се предвидува дека унилатералното воведување на тарифи од страна на САД би можело да резултира со загуби во глобалната трговија што надминуваат 160 милијарди долари годишно. Според генералниот директор на СТО, Нгози Оконџо-Ивеала, овие тарифи може да доведат до вкупно намалување на обемот на глобалната стоковна размена за приближно 1% оваа година.
Дали реципрочните мерки на НР КИНА ќе бидат доволно моќни за победа во една вака условно речено трговска војна?
Кина како главна цел на американската политика на „реципрочни тарифи“, уште во првиот момент презеде решителни и моќни контрамерки и го објави „Ставот на Кинеската Влада за Спротивставување на Злоупотребата на Тарифите од страна на Соединетите Американски Држави“, спротивставувајќи се на американскиот тарифен булинг и хегемонија заедно со меѓународната заедница и решително бранејќи го мултилатерализмот и економската глобализација.
Како што рече претседателот Си Џинпинг, океанот на економската глобализација е од корист на сите земји и ниедна не може да се повлече во изолација. Мал брод не може да издржи бурни бранови; само преку соработка можеме мирно да пловиме и далеку да стигнеме.
Никој не може да биде имун соочувајќи се со унилатерализмот и протекционизмот. Кина цврсто стои против моќниците, не само за да ги заштити своите легитимни права и интереси, туку и за да ги поддржи заедничките интереси на меѓународната заедница и да го одврати човештвото од враќањето на менталитетот на преживување на најсилните. Ставот на Кина е јасен: ние несакаме да водиме војна, но не се плашиме тоа да го правиме.
Нема победници во трговските и тарифните војни, а протекционизмот нема повеќе да се толерира. Кина како одговорна земја, ќе продолжи цврсто да го штити меѓународниот систем на чело со Обединетите нации, да го штити меѓународниот поредок заснован на меѓународното право и мултилатералниот трговски систем на чело со Светската трговска организација и да ги споделува можностите за развој преку отворање кон светот на високо ниво. Вратата на Кина кон светот ќе се отвора сè пошироко и пошироко.
Колку може да смета Македонија на една поголема соработка со НР Кина?
Кина следниот месец, ќе го одржи 4-тото експо Кина-Земји од Централна и Источна Европа и Меѓународниот саем за производи за широка потрошувачка каде ќе учествуваат и многу фирми од Македонија што со сигурност дополнително ќе ја зголеми популарноста на македонските производи во Кина.
Кина е отворена за увезување на што повеќе висококвалитетни македонски производи, подготвена е да соработува со меѓународната заедница, вклучително и со Македонија за споделување на можностите за развој, проширување на отворањето и соработката и постигнување на взаемен бенефит и `win-win` резултати.