Од АСНОМ до денес, од Мисирков до Конески – Македонскиот јазик темел на нашето постоење
На денешен ден, 5 мај, пред точно 80 години, е направен еден од најзначајните чекори во историјата на македонскиот јазик – донесувањето на Решението за македонската азбука од страна на Народната влада на Федерална Македонија во 1945 година. Овој датум означува официјализација на македонската азбука, темелена на кириличното писмо и адаптирана според фонетските особености на јазикот.
Овој настан следува по клучната Одлука на АСНОМ од 2 август 1944 година за кодификација на македонскиот јазик и претходи на усвојувањето на правописот на 7 јуни 1945 година, со што се заокружува основата на современиот македонски литературен јазик.
Кодификациските процеси во македонската лингвистика добиваат научна и институционална поддршка преку делата на академик Блаже Конески, чии трудови – Граматика на македонскиот јазик, Речник на македонскиот јазик и Историја на македонскиот јазик – и денес се столбови на домашната и меѓународната македонистика.
Македонскиот јазик, како јужнословенски јазик од индоевропското јазично семејство, е службен и национален јазик на Македонија. Тој се одликува со неколку специфики: отсуство на падежи, третосложен акцент, двoен предмет, употреба на минато идно време, како и буквата Ѕ, ретка и речиси уникатна во светот на кирилицата. Азбуката, која денес брои 31 буква, е заснована врз реформаторскиот напор на Крсте Петков Мисирков, кој меѓу првите го подготви патот за стандардизација на јазикот.
Во својата историја, македонската наука за јазикот создаде силна домашна и меѓународна македонистичка традиција, присутна не само во универзитетите во земјава, туку и на повеќе европски и светски катедри. Јазикот се истражува, негува и пренесува понатаму од генерација на генерација – како творечки и научно-истражувачки процес, кој, и покрај предизвиците, не престанува да се развива.
Со своите книжевни великани – Петре М. Андреевски, Ацо Шопов, Кочо Рацин, Гане Тодоровски, Анте Поповски и други – македонскиот јазик создал богата книжевна традиција што претставува културен идентитетски код за народот.
Во време на политички притисоци и идентитетски предизвици, кога често се проблематизира самиот статус на македонскиот јазик, останува императив да се зачува она што Блаже Конески го нарече единствената наша татковина:
„Послушајте Македонци! Јазикот е единствената наша татковина. Сè додека го чуваме, го негуваме, го вардиме, го гледаме јазикот наш македонски – ќе може да сметаме дека ја имаме и татковината. Како куќа, како дом, како огниште.“
Македонскиот јазик не е само комуникациско средство – тој е жив историски доказ за самостојност, културна зрелост и национален континуитет. Да го чуваме и негуваме како што ни е заветено.