Македонија се соочува со тивка, но длабока демографска криза – земјата ја напуштаат илјадници граѓани годишно, а последиците од ова масовно иселување најсилно ги чувствуваат децата. Според најновата анализа на УНИЦЕФ, бројот на деца во земјата се намалил за шокантни 18% во периодот од 2011 до 2023 година. Ниската стапка на фертилитет од само 1,5 и континуираниот тренд на иселување укажуваат дека државата влегува во фаза на тивко празнење.
Проблемот не е само во бројките – туку и во тоа кој си заминува. Сè повеќе млади семејства ја напуштаат државата, разочарани од лошите јавни услуги, мизерната социјална заштита и ограничените можности за децата. УНИЦЕФ посочува дека годишно околу 1.000 граѓани повеќе се иселуваат отколку што се доселуваат, што само го забрзува процесот на демографско слабеење. Исклучок беше само периодот на пандемијата на ковид-19, кога глобалното движење привремено забави.
Со 63% од децата кои веќе живеат во урбани средини и со концентрирање на населението во неколку градови, јавните услуги сè уште не се адаптирани на овие промени. Ова го влошува квалитетот на живот за оние кои остануваат, особено за најранливите – децата, сиромашните семејства и Ромите.
УНИЦЕФ укажува дека Македонија не инвестира доволно во децата. Трошоците за здравство, образование и социјална заштита се под сите регионални и европски просеци. Додека во ЕУ за социјална заштита се одвојуваат 2,1% од БДП, кај нас оваа бројка е само 1,5%. За детски додатоци и помош добиваат само 22,6% од домаќинствата со деца – во ЕУ тој процент изнесува над 88%.
Сиромаштијата е дополнителен мотив за заминување. Над 32% од децата живеат под прагот на сиромаштијата, а кај ромските деца оваа бројка достигнува алармантни 79%. И покрај тоа, државата не покажува решителност да обезбеди соодветна поддршка, оставајќи ги родителите без избор – да се борат со системот или да заминат.
Насилството, како дома така и во училиштата, дополнително ја подгрева несигурноста. Три четвртини од децата се изложени на некаква форма на насилно дисциплинирање, а појавата на онлајн насилство и злоупотреби расте, што ја зголемува ранливоста на младите.
УНИЦЕФ предупредува дека ако трендовите продолжат, државата ќе остане без своето најважно богатство – децата. Иселувањето, поттикнато од системска негрижа и недостаток на визија, ја празни Македонија. И додека властите остануваат неми, илјадници семејства веќе ја имаат донесено својата одлука – да ја бараат иднината далеку од дома.