Сместени во близина на градот Чонгчинг, Дазу камените резби се едно од најзначајните културно-религиозни богатства на Кина, препознаено и од УНЕСКО како светско наследство. Ова фасцинантно археолошко наоѓалиште претставува збир од над 50.000 резби во карпа, создадени помеѓу 9 и 13 век, во текот на династиите Танг и Сонг.

Резбите се распоредени на повеќе локации, меѓу кои најпознати се Баодинг Шан (Баодинг планина) и Беишан (Северна планина). Тие ги прикажуваат будистичките, таоистичките и конфуцијанските учења, а преку нив може да се види извонреден спој на религија, уметност и филозофија. Особено впечатливи се сцените што прикажуваат секојдневен живот, казните во пеколот и наградите во рајот во задгробниот свет, кои се со реалистичен стил и изразита емоционалност.


Најимпресивната скулптура на комплексот е Големиот лежечки Буда во Баодинг Шан, долга речиси 31 метар, која претставува сцена на влегување на Буда во Нирвана – моментот на неговата смрт и премин кон духовно ослободување.

Во рамките на локалитетот Баодингшан, една од највпечатливите и најценетите резби е монументалната статуа на Буда со илјада раце и очи. Оваа скулптура претставува облик на бодисатвата Гуaнуин, симбол на милосрдието и сочувството во будизмот, кој има способност да им помогне на сите живи суштества. Статуата е внимателно изрезбана во карпата, со стотици раце распоредени во облик на полукруг, секоја со различен гест или симбол, што претставува моќта на Буда да види и да помогне во сите насоки. Создадена во 12-от век за време на династијата Сун, оваа фигура е техничко и уметничко ремек-дело и е исто така заштитена како дел од светското културно наследство под закрила на УНЕСКО.

Дазу не е само ремек-дело на религиска уметност, туку и сведоштво за техничката и креативна вештина на мајсторите од тоа време. Резбите се втиснати директно во стрмните камени карпи, често на речиси непристапни места, а сепак задржале зачудувачка прецизност и деталност низ вековите.

Ова светилиште сѐ повеќе привлекува туристи, историчари и верници од целиот свет. Кинеските власти вложуваат значителни напори за конзервација на комплексот, со цел зачувување на неговата духовна и уметничка вредност за идните генерации.

Дазу резбите претставуваат редок пример на хармонија меѓу уметноста и моралната порака, и се еден од највпечатливите споменици на кинеската цивилизација.
