Кочани, 4 мај 2025 – Над 300 велосипедисти, граѓани, спортисти и рекреативци денеска ја искажаа својата почит кон трагично загинатите млади во дискотеката „Пулс“ преку симболична велосипедска тура под наслов „По патеката на оризот“. Настанот беше организиран од семејствата на настраданите, со поддршка од Општина Кочани.
Турата се одвиваше на кружна патека долга 15 километри, со движење низ селата Грдовци, Мојанци и Горни Подлог. На местото на трагедијата учесниците застанаа и оддадоа едноминутна тишина во спомен на жртвите. Меѓу учесниците беа и деца, како и родителите на настраданите, кои со тешки емоции искажуваа длабока болка и достоинствена тишина.
„Заедно возиме во чест на нашите трагично загинати деца. Денес, на 4 мај – денот кога загина Гоце Делчев, сакаме да потсетиме дека Македонија е заробена држава. Поминаа 50 дена од нашата болка, тишина, тежина и молк. Кочани е во жалост, живееме со колективна траума“, порачаа родителите во своето јавно обраќање.
Настанот не беше само чин на сеќавање, туку и порака до институциите – дека правдата сè уште се чека, а тагата на Кочани останува неискажана. Велосипедистите, со едноставен и достоинствен гест, ја испратија пораката: жртвите не се заборавени, а одговорноста мора да се именува.

