Левица реагира на, како што ја нарекува, политичката злоупотреба на ФК Вардар, обвинувајќи дека најтрофејниот клуб е оставен на милост и немилост на контроверзен извршен директор – Миленко Неделковски, близок до власта. Сомнежи предизвикува и отсуството на новиот сопственик Атила Бијен Жалили, кој седум месеци по преземањето не се појавил во јавноста, додека клубот останува без јасна визија.
„Иако поминаа седум месеци откако фудбалскиот клуб Вардар на хартија доби нов сопственик, се повеќе расте незадоволството кон извршниот директор и истакнат поддржувач на власта, Миленко Неделковски. Кога новиот сопственик го презеде клубот, власта и министерот за спорт Борко Ристовски најавуваа дека конечно ФК Вардар ќе го врати својот блесок, но единствено што сведочиме е дека незадоволството расте кон нивниот партиски поддржувач Миленко Неделковски како извршен директор.
Сомнително е што новиот сопственик Атила Бијен Јалили седум месеци никаде го нема да се огласи во јавноста, ниту пак да информира каква е неговата визија за клубот кој некогаш беше македонска гордост. Додека во јавноста тој беше презентиран како успешен менаџер на унгарска компанија, дел од медиумите обзнанија дека вистински сопственик на унгарската компанија е компанијата „Полат холдинг“ и турскиот милијардер Аднан Полат. Тогаш медиумите објавија дека оваа турска компанија со неколку фирми е присутна и во Македонија во бизнисот со енергија и производство на масло за канабис.
Контроверзното преземање на ФК Вардар од анонимно име во фудбалот, зад кое стои турско-унгарска компанија со фирми во Македонија – отвора низа прашања за замешеноста на политички интереси, а на грбот на македонскиот клуб. Дополнително, министерот за спорт Борко Ристовски и целокупната влада молчи пред незадоволството на јавноста кон извршниот директор Миленко Неделковски.
Скандалозни се информациите кои беа обзнанети во јавноста дека високи владини претставници се заканувале дека или Миленко ќе биде директор или ФК Вардар нема да постои!
Ваквиот понижувачки однос на власта на Мицкоски кон најтрофејниот македонски клуб укажува дека интересите за спас на ФК Вардар не се приоритет – туку приоритет се матни зделки со анонимен сопственик и извршен директор, кој за македонската јавност е повеќе од контроверзен. Меѓу другото, ако се има предвид дека токму Миленко Неделковски во минатото беше критичар на политиките на Мицкоски во опозиција, се чини дека премиерот е подготвен да го “жртвува” ФК Вардар за да ги задоволи апетитите на сегашниот негов контроверзен поддржувач.“
Наместо Вардар да стане пример за спортски напредок и транспарентно управување, клубот се претвори во алатка за политичка лојалност и кадровско вдомување. Молкот на министерот за спорт Борко Ристовски и на Владата пред растечкото незадоволство е индикативен – тие не се заинтересирани за судбината на клубот, туку за комодитетот на нивниот партиски пулен.
Парадоксално, најголемиот македонски клуб – симбол на спортскиот дух – денес зависи од добрата волја на контроверзни личности и од матни зделки зад затворени врати. Ако државата навистина се грижи за спортот и националното достоинство, првиот чекор е итна смена на компромитираните раководители и конечно враќање на Вардар во рацете на спортот, а не политиката.