Идеалите на слободата не умираат – тие живеат преку делата и одлучноста на оние кои продолжуваат да се борат за нив. По повод значајната годишнина, Левица оддаде почит кон учителот и испрати силна порака на отпор и достоинство:
„По повод 122-годишнината од смртта на великанот на македонската националноослободителна борба, Гоце Делчев, делегација на Левица – предводена од пратеникот Борислав Крмов, заедно со членовите на Централниот комитет, Горан Костовски и Катерина Јовановска, положи свежо цвеќе на неговото вечно почивалиште оддавајќи му почит за неговото историско дело и револуционерна оставнина.
Денес, кога темелите на македонската национална свест се системски разнебитувани од страна на квислиншките структури на власта, под директива на странски центри и амбасади, императив е да се потсетиме на заветот на Делчев и да се вградиме во неговиот идеал – за слободна, праведна и народна Македонија, која нема да биде слугинка на туѓи интереси.
Делчев е споменик на непокорот, визионер кој ја согледа нужноста од организирана, народна борба за слобода.
Затоа, денес, кога гледаме како се понижува македонската историја, се препродаваат националните интереси, а народот тоне во сиромаштија и безизлез – должност ни е да се бориме. Да се спротивставиме на политиките на колонизација, на бришење на идентитетот, на продажбата на секој педа земја и достоинство.
Левица се позиционира како автентичен продолжувач на револуционерната мисла на Делчев – непомирлива кон неправдата, неподмитлива пред центри на моќ и безрезервно посветена на народот. Во време на политичка капитулација, кога се гази врз достоинството на државата и се разнебитува националниот идентитет, Левица останува бастион на отпорот, глас на обесправените и браник на македонскиот суверенитет.
Слава му на Гоце Делчев! “
Преку секоја своја борба, Левица ја чува светлата идеја на Делчев и со длабока почит го следи неговиот пат – патот на слободата, правдата и достоинството.

