3 Мај 1945 – Денот кога се роди современата македонска азбука

На денешен ден пред точно 80 години, на 3 мај 1945 година, Народната влада на Федеративна Македонија донесе одлука со која се кодифицираше македонската азбука – столб на идентитетот, културата и државноста на македонскиот народ. Со оваа одлука се утврди официјалниот графемски состав од 31 буква, што претставува темел на современиот македонски јазик.

Одлуката беше донесена врз основа на предлогот на Комисијата за јазик и правопис, тело составено од врвни интелектуалци, професори, писатели и културни дејци, кои од самото ослободување работеа на јазичната стандардизација на новата македонска држава.

Во Комисијата членуваа:

Венко Марковски – поет и еден од најгласните поборници за народен јазик,

Васил Иљоски – директор на гимназија и автор на првата драма на народен македонски јазик,

Мирко Павловски – универзитетски професор,

Блаже Конески – лектор, кој подоцна ќе стане централна фигура во кодификацијата на јазикот,

Круме Тошев – шеф на стручните школи,

Иван Мазов – уредник на весникот „Млад борец“,

Густав Влахов – публицист,

Владо Малески – директор на Радио Скопје и автор на текстот на македонската химна,

Киро Х. Василев – публицист,

Капетан Илија Топаловски – началник на пропагандното одделение на Главниот штаб.

Оваа Комисија со голема прецизност и посветеност го утврди графемскиот состав на македонската азбука, водејќи сметка за звучноста и потребите на македонскиот говор, како и за неговата разлика од српскиот, бугарскиот и другите јазични влијанија.

Создавањето на азбуката беше дел од поширокиот проект на јазична еманципација што започна уште на Првото заседание на АСНОМ, во август 1944 година. За првпат во историјата, македонскиот јазик доби официјален статус во рамките на една држава, а новата азбука стана симбол на културната самостојност на македонскиот народ.

Одлуката на 3 мај 1945 година го трасира патот кон развојот на македонската книжевност, медиуми, образовен систем и научен јазик. Истовремено, претставува еден од најважните моменти во процесот на институционализација на македонската државност во рамките на поранешна Југославија.

Денес, 80 години подоцна, оваа одлука не е само датум во историјата, туку жив сведок на стремежот на еден народ кон јазична и културна слобода. Македонската азбука е повеќе од средство за пишување – таа е сведоштво за постоењето и отпорот, за гласот што конечно доби свое писмо.

Може да ве интересира