Предавање на Филозофски факултет: „Маес Титијан – првиот Македонец во Кина“

Филозофскиот факултет во Скопје ќе биде домаќин на предавањето „Маес Титијан – првиот Македонец во Кина“, што ќе го одржи д-р Игор Радев, класичар и синолог, во вторник, 6 мај, со почеток од 12 часот.

Предавањето ќе се одржи во салата за седници и е отворено за пошироката јавност, а во неговиот фокус ќе биде историската личност Маес Титијан – трговец и патеписец од времето на Римското Царство, кој, според антички извори, предводел експедиција до внатрешноста на Кина преку Патот на свилата.

Според Птоломеј, кој се повикува на податоци од Марин Тирски, Маес Титијан бил Македонец што патувал до локалитетот Камена Кула – денешен Ташкурган во провинцијата Шинџјанг, Кина, близу границата со Таџикистан и Авганистан. Оттаму, неговите помошници продолжиле кон централна Кина, што го прави овој подвиг едно од најраните документирани патувања на Европејци во Источна Азија.

Темата ќе биде обработена од филолошки и историски аспект, а предавањето се најавува како несекојдневна можност за сите љубители на историјата, античките цивилизации и кинеската култура.

Организаторите упатуваат покана до студентите, професорите и сите заинтересирани граѓани да присуствуваат на настанот.