Левица: ДПМНЕ ја загушува медиумската слобода – режимот се враќа на екраните

Политичката партија Левица жестоко реагираше на најновиот извештај на „Репортери без граници“, според кој Македонија падна за шест места на Индексот за слобода на медиумите – од 36-то на 42-то место. Според Левица, овој пад е директен резултат на шестмесечното владеење на ДПМНЕ, кое, како што велат од партијата, повторно ги враќа елементите на режимско владеење во медиумскиот простор.

„Само шест месеци беа доволни за состојбата со медиумските слободи да се влоши и Македонија да се најде на дното меѓу земјите со ‘задоволителна’ слобода, со тенденција да се пресели во категоријата со ‘проблематична’ состојба“, се наведува во соопштението на Левица.

Според извештајот на „Репортери без граници“, владините функционери сè почесто покажуваат понижувачки и непријателски однос кон новинарите, создавајќи средина слична на времето на груевизмот – период во кој Македонија беше меѓу најлошо рангираните европски држави по слобода на медиумите.

Како посебно загрижувачки чекор, Левица го посочува донесувањето на законот што дозволува националните и локалните власти повторно да се рекламираат во приватни медиуми. Според партијата, овој закон претставува сериозен удар врз објективното новинарство и отвора простор за политичко влијание врз медиумите. Иако Левица се обидела да го блокира законот со амандмани, владината коалиција го изгласала користејќи го механизмот „европско знаменце“, што, според нив, претставува класичен пример на антидемократско и анти-европско однесување.

Од партијата предупредуваат дека ваквата ситуација доведува до директна егзистенцијална закана за медиумите и новинарите, кои, зависни од политички и бизнис интереси, стануваат прва жртва на контролираното информирање.

„Ова е алатка на ДПМНЕ за гушење на секоја критика и воспоставување режимски модел на владеење“, стои во соопштението на Левица.

Партијата апелира дека слободата на медиумите е основа за здраво и демократско општество и најавува дека ќе продолжи со борбата против, како што велат, медиумската цензура и политичката пропаганда.

Целото соопштение на партијата на линкот во продолжение:

Може да ве интересира