Колони возила на „Богородица“ – додека некои протестираат за работнички права, други уживаат викенд во Грција

Колони возила уште од синоќа се формираа на граничниот премин „Богородица“, каде стотици македонски граѓани тргнаа кон грчките плажи. Спојувањето на утрешниот неработен ден со викендот создаде очекувани метежи, а четирите ленти на преминот се исполнети со автомобили кои чекаат за излез од земјава.

Иако патната мрежа надвор од урбаните средини бележи умерен сообраќај, граничните премини се точките со најголема фреквенција. Од Авто-Мото Сојузот на Македонија (АМСМ) информираат дека нема значајни задржувања на излез и влез од државата, но апелираат до возачите на зголемена претпазливост, особено на делниците низ клисурите и речните долини, како што се Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево, каде има зголемена опасност од одрони.

Овој прилив кон туристичките дестинации се случува во пресрет на 1 Мај – Меѓународниот ден на трудот, ден што традиционално симболизира борба за работничките права и социјална правда. Додека илјадници работници во Македонија остануваат да маршираат, протестираат и да го кренат гласот против ниските плати, лошите услови и социјалната неправда, дел од граѓаните одлучија празникот да го поминат во шопинг и бањи надвор од државата.

Различните слики од граничниот премин и плоштадите низ државата сведочат за сè подлабоката социјална поларизација. За едни 1 Мај е можност за одмор и релаксација, а за други – ден на отпор и барање достоинство. Но додека едните се сончаат на туѓи плажи, другите ја продолжуваат долгата борба за елементарна правда во сопствената земја.

Дали ќе се сетиме зошто постои овој празник, или ќе го сведеме на уште еден продолжен викенд – останува на совеста на секој од нас.

Може да ве интересира