Трендафилов до Неделков: Работничкиот протест не е парада – 1 Мај како симбол на отпор, а не конференциска сала
Додека во еден дел од синдикалното движење 1 Мај се сведува на конференциски настан со гости од власта и бизнис-заедницата, Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) повикува на улица. Работниците, велат оттаму, не можат да си го дозволат луксузот на тивка дипломатија додека минималната плата не покрива ни половина месечна кошничка.
ССМ најавува протест на Меѓународниот ден на трудот со јасни и конкретни барања – минимална плата од 500 евра и итно почитување на колективните договори. Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, вели дека синдикатот денес е под притисок не само од Владата и работодавачите, туку и од други синдикални структури, кои наместо да се борат за права, се задоволуваат со тивко партнерство.
„Сите се против Сојузот на синдикатите на Македонија, само затоа што бараме повисоки плати и достоинствени услови за работа. Но токму тоа е улогата на синдикатот – да не молчи кога е најтешко, туку да води. И затоа, нема да отстапиме“, рече Трендафилов.
Додека ССМ повикува на улица, претставници на Конфедерацијата на слободни синдикати, вклучувајќи го и СОНК, одлучија 1 Мај да го одбележат ден порано, зад затворени врати со владини функционери и работодавачи. Претседателот на СОНК, Јаким Неделков, протестот на ССМ го нарече „парада“ и „популизам“, обвинувајќи дека вистинскиот социјален дијалог се води во тишина, а не на улица.
Но ако улицата е „парада“, тогаш што е конференција без конкретни барања? Работниците не се веќе во состојба да чекаат тивка дипломатија – ножот одамна стигна до коска. Дијалогот не може да биде замена за отпорот, особено кога Владата упорно ги игнорира синдикалните барања и се преговара зад затворени врати со „конструктивните“ синдикати.
ССМ останува единствената синдикална структура која доследно го брани интересот на работниците – со глас, со транспаренти и со јавно барање за социјална правда. Протестот на 1 Мај е одговор на систем што со години ги маргинализира трудољубивите граѓани. Не е парада, туку акт на отпор.