Левица ги поддржува првомајските протести на работниците – Работникот не моли, работникот се бори
Први мај – Меѓународниот ден на трудот е моментот кога работниците треба заеднички да го кренат гласот против нееднаквоста, експлоатацијата и молкот на власта. Во оваа борба за елементарна праведност, Левица дава јасна и безрезервна поддршка на работничките протести организирани од Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ). Нивната поддршка ја објавија и на социјалните мрежи:
„Во време кога капиталот ја гаси секоја искра на отпор, платите стагнираат, цените растат, а власта парче по парче ги крати работничките права и ја продлабочува социјалната неправда, време е за работничка солидарност! 1 Мај е денот кога работникот треба да покаже дека неговиот глас никогаш нема да биде замолчен!
Владата на ДПМНЕ-ЗНАМ-ВРЕДИ со своите празни ветувања за обновување на „гордоста“, остави работниците да се борат сами за своето егзистенцијално опстанување, додека постепено се губи достоинството на трудот. Работникот наместо подобрување – доби понижување!
Партиите на олигархијата, исклучени од реалноста, за нецелосен мандат на власт, во повеќе наврати ја демонстрираа својата оттуѓеност од реалните потреби на работниците и наклонетоста кон интересите на капиталот, и бессрамно одбија реални решенија за подобрување на правата на работникот, додека тие уживаат во своите удобни фотељи. Така за само неколку месеци власт во работникот доби зголемена сиромаштија и институционализирана неправда која ги погодува најранливите во општеството.
Потсетуваме дека, додека Левица нудеше законски решенија за подобрување на работничките права – работникот да добива надоместок за патни трошоци, платата да ја добива навреме до 5-ти во месецот, избегнувајќи непотребни казнени камати за задоцнето плаќање, породилно отсуство за мајќите од 18 месеци, владата на ДПМНЕ-ЗНАМ-ВРЕДИ јасно застана на страната на капиталот и ноншалантно ги одбиваше сите предлози кои значеа враќање на достоинството за работникот, а најлошо од се – се изземаа од трипарттитниот договор со капиталистите, кадешто требаше да бидат гарант дека работниците ја имаат подршката од државата!
Затоа, 1 Мај не е ден за тишина – 1 Мај е ден за отпор, за гласно, организирано НЕ на капиталистичкиот систем што ги гази нашите животи! За систем што ќе служи на работникот, а НЕ на профитот! Левица како единствена партија која се бори за подобар статус на работникот, го подржува протестот на ССМ за 1 Мај, и ги повикува сите работници на сплотеност и истрајност во борбата за работничките права!
Локација: Работнички дом, Скопје 11:00 часот.“ стои во објавата на Левица.
Први мај не е симболична прошетка низ градот – туку борба против неправдата што ја живееме секој ден!
Левица ги повикува сите обесправени, потценети и игнорирани работници, сите што живеат од својот труд и не молчат пред понижувањата – да излезат и да се приклучат на протестниот марш! Само со масовна, организирана и бескомпромисна борба можеме да се избориме за систем во кој трудот ќе биде вреднуван, а не газен.
Да се избориме за плата која го покрива животот, за права кои не се предмет на преговори и за држава која стои зад работникот – не зад профитот!
Работникот не моли – работникот се бори!