АктуелноЛокално

Трагедија со печат на Тошковски – Лиценцата за диско-шталата издадена за време на неговото министерување

Пратениците на утрешната 46. собраниска седница ќе расправаат за интерпелацијата за работата на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, поднесена од пратеничката група на Левица. Причината за иницијативата е сериозното сомневање во несовесно, непрофесионално и селективно постапување на министерот Тошковски во врска со трагедијата во Кочани, во која животот го загубија 62 лица.

Во текстот на интерпелацијата детално се наведува дека Министерството за внатрешни работи има директна надлежност за надзор над дискотеки и кабариња, вклучувајќи проверка на работното време, бучавоста, присуството на малолетници после полноќ, точење алкохол и употреба на наркотични супстанции. Уште посериозна е одговорноста на министерот, се вели во интерпелацијата, знаејќи дека фалц-лиценцата за диско клубот каде што се случи трагедијата била обновена во март 2024 година — токму за време на неговиот мандат.

„Министерството со кое раководи Панче Тошковски има дополнителни ингеренции за дискотеки и кабариња… Одговорноста на министерот Тошковски се зголемува знаејќи го фактот дека тој е министер на МВР од јануари 2024 година, а фалц-лиценцата за диско клубот е обновена во март 2024 година – што значи токму во врмето на неговото министерување!“, се наведува во интерпелацијата.

Пратеничката група на Левица понатаму посочува дека досегашниот тек на истрагата сугерира сериозен сомнеж во селективно гонење. Според текстот на интерпелацијата, речиси сите бивши функционери од Министерството за економија, Државниот пазарен инспекторат и други органи се опфатени со истрага, додека актуелните носители на јавни функции остануваат недопирливи, вклучително и одговорните лица од МВР.

„Истрага против овие лица не е отворена и не се преземени никакви безбедносни мерки за нивна достапност, од причини непознати за јавноста“, пишува во интерпелацијата. Посебно се посочува одговорноста на раководните лица во ОВР Кочани, СВР Штип и Бирото за јавна безбедност, кои, според интерпелацијата, не презеле навремени мерки за спречување на работата на илегалниот објект.

Тошковски, се потсетува во интерпелацијата, е на функцијата министер повеќе од една година — прво во т.н. „техничка Влада“ од јануари 2024 година, а потоа реизбран во новата политичка Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, ВРЕДИ и ЗНАМ.

Левица ја потенцира серијата скандали и пропусти што го следат Тошковски во изминатиот период, обвинувајќи го за неспособност да воспостави доверба меѓу полицијата и граѓаните и за негова пасивност во справувањето со проблемите во системот.

„За неговиот морален хабитус доволно говори и фактот што тој досега не се ни осмели да понуди оставка од морални причини, нешто што го правеле повеќе македонски министри пред него, во ситуации на вакви колективни несреќи!“, стои во образложението.

Дополнително, во интерпелацијата се наведува дека токму за време на мандатот на Тошковски Министерството за внатрешни работи е поврзано со серија афери, пропусти во работењето и коруптивни дејствија, што уште повеќе ја засилува потребата за негова оставка.

Z P

Zvezdanka Pesikj