АктуелноЛокално

(Видео) Левица предлага – Пајтон партиите без вистинска поддршка да останат без државно финансирање

Партијата Левица денеска предложи измени на Законот за финансирање на политичките партии, со цел да се стави крај на финансирањето на партии кои немаат реална политичка поддршка, но добиваат значителни средства од државниот буџет.

На прес-конференцијата, пратеникот и портпарол на Левица, Амар Мециновиќ, предупреди дека актуелниот закон овозможува постоење на таканаречени „пајтон партии“ — партии со минимално локално присуство, кои добиваат само десетици гласови на избори, а сепак инкасираат по 70.000 евра од државната каса.

„Моментално има политички партии кои немаат речиси никаква локална поддршка помеѓу нашите заедници и во нашите локални населенија. Тие партии добиваат само неколку десетици гласови, а потоа добиваат 70.000 евра од државната каса“, истакна Мециновиќ.

Според него, овие измени се неопходни за вистинска демократизација на општеството. Малите партии, наместо да придонесуваат кон плурализмот и политичката дебата, често стануваат инструмент на поголемите партии, прикачувајќи се на нивните коалиции за финансиски бенефит без да имаат сопствено влијание.

„Многу долго малите партии во Македонија, на начин на којшто е конципиран нашиот политички систем, стануваат пајтон партии на поголемите коалиции и така остваруваат цели за поголемите партии, а не допринесуваат до демократизација на амбиентот во Македонија“, додаде Мециновиќ.

Левица со предложените измени сака да ја прекине оваа пракса, со цел средствата од буџетот да се користат на начин кој ќе поттикнува вистинска политичка конкуренција и транспарентност, наместо да се трошат за партии без реален изборен легитимитет.

Z P

Zvezdanka Pesikj