АктуелноЛокално

Левица: Наместо по 150.000 денари за настраданите – Владата дала 23 милиони денари за да си го измери рејтингот

Кога трагедијата ја парализираше Македонија, Владата вети помош, солидарност и одговорност. Денес, месец дена подоцна, гледаме дека ветувањата беа уште една цинична лага на властодршците, кои без срам ги оставија семејствата на жртвите без ниту денар, а нивните болки ги претворија во политичка математика. Паралелно со солзите на семејствата, Владата потпишувала договори вредни милиони за да си го мери сопствениот рејтинг!

Во целост го пренесуваме објавениот став на политичката партија Левица:


Левица најостро го осудува безобразието и лицемерието на Владата која во најтешките моменти ги излажа семејствата на настраданите во пожарот во Кочани!


Од страна на директорот на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), Ивица ТОМОВСКИ, и портпаролката на Владата, Марија МИТЕВА, беше најавено дека ќе биде доделена итна финансиска помош од 150.000 денари за секое семејство со жртва од трагедијата, но и по месец дена, семејствата немаат добиено ниту денар од Владата!


Наместо помош за фамилиите, Владата три дена по најцрната трагедија, склучила договор за мерење на сопствениот и рејтингот на Мицкоски, во висина од 22.857.964 денари од народниот буџет!


Еден месец по соопштувањето на итната помош, платформата „Отворени финасии“ и семејствата на младите жртви потврдуваат дека Владата нема дадено никаква симболична поддршка – ниту директно од Владата, ниту преку Црвен крст! Ова значи дека семејствата на настраданите и повредените примиле и примаат донации само од граѓаните.


Додека хероите што спасуваа животи се заборавени и оставени без никакво признание, полициските службеници кои на кобната ноќ не укажале помош, иако се должни согласно Закон – останаа несанкционирани. Болниците колабираа под товарот на трагедијата, чекајќи донации дури и за најосновни медицински материјали, а државата остана нем набљудувач. И очигледно, Владата нема ниту намера да инвестира во здравствените установи – оставајќи ги граѓаните препуштени на милост и немилост на импровизираниот систем.


Не се работи за недостиг на средства и скромен Буџет, туку за свесен избор на Владата да ги троши парите за луксузи: за набавка на папаја и аспарагус за владините функционери, за приватни авиони и наштимани анкети за мерење на рејтинзи.“
Се вели во објавата на партијата Левица.

Додека народот брои загуби, владините функционери бројат рејтинзи, зачинети со егзотични овошја и авионски аранжмани. Оваа власт уште еднаш покажува дека за нив животот на обичниот човек вреди помалку од еден политички поен повеќе. Оставајќи ги жртвите без поддршка, а болниците без опрема, тие со самоволие ја градат сопствената удобност на темелите на туѓата несреќа.

Z P

Zvezdanka Pesikj