Неформална јавна група Инжинери на Република Македонија (ИНРМ) упати јавен апел до Работната група за енергетика при Министерството за енергетика, барајќи пред финалната одлука за нова голема хидроелектрана да се разгледаат и споредат предностите и недостатоците на двата клучни проекта: изградбата на реверзибилна хидроелектрана „Козјак Запад“ и изградбата на пумпно-акумулациона хидроелектрана „Голем Чебрен“.
Од ИНРМ потенцираат дека нивните компаративни анализи јасно покажуваат значителни предности на проектот „Козјак Запад“, како од економски, така и од еколошки аспект.
Како што се наведува во објавата на ИНРМ, проектот „Козјак Запад“ предвидува користење на природно вдлабнување на теренот за создавање горен резервоар, со минимални градежни интервенции и пренасочување на водата од постоечкото езеро Козјак, кое ќе биде долен резервоар. Оваа концепција овозможува значително намалување на вкупните трошоци и ја избегнува потребата за скапа изградба на масивни брани.
Проектот обезбедува складиран капацитет од приближно 90 GWh, што е дури 22,5 пати повеќе од предвиденото складирање кај „Голем Чебрен“ (околу 4 GWh). Инсталираната моќност на „Козјак Запад“ може да надмине 1.000 MW, што е трипати повеќе од проектираната моќност на „Чебрен“ (333 MW).
Од финансиски аспект, цената на складираниот капацитет кај „Козјак Запад“ е околу петпати пониска од онаа на „Чебрен“, што го прави многу поповолна инвестиција за државата. Исто така, времето за реализација на проектот „Козјак Запад“ се проценува на 3 до 5 години, за разлика од 8 до 10 години колку што се потребни за „Чебрен“.
Кога станува збор за влијанието врз животната средина, „Голем Чебрен“ носи поголеми ризици поради изградбата на 190 метри висока бетонска брана и големи градежни интервенции во природното опкружување. Напротив, проектот „Козјак Запад“ максимално го користи природниот терен, со минимални нарушувања, што значително го намалува еколошкиот отпечаток.
Исто така, „Чебрен“ зависи од протокот на Црна Река, што носи дополнителни ризици и ограничувања, додека „Козјак Запад“ функционира како затворен систем со постоечки долен резервоар, што овозможува поголема стабилност во производството на електрична енергија.
Клучен стратешки елемент е тоа што капацитетот на „Козјак Запад“ може да обезбеди складирање доволно за 100% покриеност со обновливи извори на енергија, за разлика од „Чебрен“ кој би покрил околу 20% од потребите. Овој факт е од суштинско значење за амбициозната зелена транзиција на Македонија.
Проценетата цена за изградба на „Козјак Запад“ е нешто под една милијарда евра — што остава простор за паралелни инвестиции во сончеви и ветерни капацитети, за создавање силна и стабилна енергетска инфраструктура.
Локацијата на „Козјак Запад“ дополнително е верифицирана како погодна од Атласот на локации за реверзибилни хидроелектрани изработен од Австралискиот национален универзитет, што додава меѓународна тежина на изборот.
ИНРМ апелира Работната група за енергетика да го препознае потенцијалот на проектот „Козјак Запад“ и да донесе одлука базирана на рационални економски, технички и еколошки критериуми.
„Изборот на најисплатливо, најбезбедно и најбрзо реализирачко решение е клучно за иднината на енергетската стабилност на Македонија“, порачаа од ИНМР, додавајќи дека ова е уникатна шанса државата да направи мудар избор за генерации што доаѓаат.
Следи го Антропол преку Google 
