АктуелноЛокално

Во срцето на Дебар Маало живее Горан Стефановски – Одбележан 73тиот роденден со настанот „Горан е тука“

Во срцето на скопската населба Дебар Маало, каде што спомените и културата се преплетуваат, денеска беше одбележан 73-тиот роденден на еден од најзначајните македонски драмски автори – Горан Стефановски.

Настанот под наслов „Горан е тука“ се одржа покрај спомен-клупата посветена на Стефановски, симболично место што го претставува неговото трајно присуство во културниот живот на градот. Програмата беше богата со уметнички изведби кои ја оживеаја драмската магија на Стефановски. Актери како Саша Димитриевска, Мирјана Трпковска-Костовска и Трајанка Илиева-Вељиќ читаа одбрани текстови, додека музичкиот сет на Игор Стефановски, синот на драматургот, внесе интимна и топла емоција во атмосферата. Пантомимата на Дарко Вељиќ и живите статуи дополнително го збогатија настанот, создавајќи сцена што го одразуваше духот на еден од највпечатливите гласови на современата македонска култура.

Горан Стефановски (1952–2018) е автор на некои од најмоќните драмски дела во македонската литература, како „Демонот од Дебар Маало“, „Хај-Фај“, „Тетовирани души“, „Јане Задрогаз“ и многу други. Неговото творештво ги надмина границите на театарот – тој стана глас на една цела генерација, сведок на историските пресврти и критичка совест на македонското општество. Со маестрална едноставност, длабока човечност и суптилен хумор, Стефановски во своите текстови ги отвораше најтешките прашања за идентитетот, слободата, припадноста и болките на транзицијата.

Неговата драматургија е преведувана и изведувана низ Европа и светот, а Горан Стефановски важеше за еден од најголемите автори од Балканот во својата генерација. Како предавач по драмско пишување во Велика Британија, тој инспирираше и воспитуваше нови генерации уметници, носејќи ја македонската приказна далеку надвор од нејзините граници.

Општина Центар ја продолжува негата на меморијата за Стефановски преку создавање културни катчиња инспирирани од неговото дело – триаголен парк со скулптура посветена на уметникот и ќош со мурал што го носи неговиот лик. Организатор на денешниот настан беше Здружението на граѓани „Тим Театрос К“, со поддршка од Општина Центар, како дел од Програмата за култура за 2025 година.

Денешниот собир беше многу повеќе од комеморација – тој беше жива потврда дека делото на Горан Стефановски продолжува да пулсира во срцето на градот, инспирирајќи и повикувајќи нè на размислување, соочување и соништа.

Z P

Zvezdanka Pesikj