„Повисоки плати не се 500 евра, туку 500 евра како минимална плата што се множи со коефициент на сложеност!“, изјави Иван Пешевски од ССМ на денешната прес-конференција.
Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) остро прозва дел од работодавачите и актуелната влада за деценискиот игнорантски однос кон работничките права, особено во приватниот сектор. На денешната прес-конференција, потпретседателот на ССМ за приватен сектор, Иван Пешевски, испрати јасна порака: време е за итно и суштинско зголемување на платите, обезбедување безбедни услови за работа и достоен однос кон работниците – двигателите на македонската економија.
„Приватниот сектор го носи товарот – време е тој товар да се признае“
– Приватниот сектор е главен двигател на економската состојба на државата. Меѓутоа, ако сакаме тој двигател да функционира, потребни се квалификувани кадри и млади луѓе, а за тоа – достоинствени услови и пристојни плати. Без тоа, оваа земја ќе остане и без работници, порача Пешевски.
Тој нагласи дека актуелниот концепт на минимална плата е застарен и неправеден. ССМ не бара само „повисока минимална плата“, туку системски праведен модел – 500 евра минимална плата која ќе се множи со коефициент на сложеност според работното место. Само така, вели Пешевски, ќе се осигура автоматски раст и на останатите плати, што е особено важно за трудоинтензивните дејности.
„Плати под 50.000 денари во приватниот сектор се срам и беда“
– Во трудоинтензивните дејности не треба да има плати под 50.000 и 60.000 денари. Тоа не е барање од луксуз, туку од гола егзистенција. А тие исти работодавачи што се жалат дека нема кадар, не сфаќаат дека токму поради ниските плати, кадарот го нема и ќе го нема уште повеќе, остро порача Пешевски.
Со доза на разбирање, тој посочи дека постојат и работодавачи кои совесно ги почитуваат законските и колективни одредби, но тие се малцинство – системот, како што нагласи, останува нефункционален и во корист на неказнивата експлоатација.
Над 12.000 работници побарале помош од ССМ – каде е државата?
Само во 2024 година, ССМ обезбедил бесплатна правна помош за 12.234 работници – кои пријавиле неисплатени плати, кратење на минат труд, неизвршени исплати на регрес за годишен одмор и слични злоупотреби. Тоа, според Пешевски, е срамна бројка која говори за нефункционирањето на државните механизми за заштита на трудот.
– Додека ние им помагаме на тие луѓе, Владата молчи, институциите се пасивни, а одредени кругови дури фаворизираат синдикати што не бараат зголемување на плати. Дали затоа се омилени на власта?, праша Пешевски.
ССМ алармира и за зачестени притисоци врз синдикални членови, заплашувања и обиди за разнебитување на синдикалната борба преку фаворизирање „удомени“ синдикати.
Протести и победи – кога работниците се организираат
Пешевски потсети на низа успешни протести и штрајкови предводени од ССМ – во „Македонски шуми“, Пошта, Водостопанство, ЗК Пелагонија, ФЕНИ Индустри, МАНУ и пред Министерството за здравство – што резултираа со нови колективни договори и исплати на плати.
Повик за масовен 1-мајски протест – „да го чујат гласот на работникот!“
ССМ упати повик до сите работници, но и граѓани кои чувствуваат дека се експлоатирани или обесправени, да се приклучат на првомајскиот протест. Протестот ќе започне од просториите на ССМ во 11 часот – со порака дека гласот на работникот мора да се слушне, дури и кога институциите сакаат да го заглушат.
Крајна порака до Владата и работодавачите: „Не го барајте виновникот во работникот“
– Додека Владата и работодавачите ја бараат вината кај работниците, реалноста е поинаква: тие остануваат тука, работат, преживуваат и сè уште даваат сè од себе. Но не бескрајно. Затоа: итно зголемување на платите, особено во приватниот сектор, порача Пешевски.
Додека политичките елити калкулираат, а дел од работодавачите продолжуваат со злоупотреби, ССМ останува една од ретките структури што гласно, организирано и конкретно ја брани работничката класа. И токму затоа – треба да се слуша, а не да се замолчува.
Видео превземено од МИА.мк

