АктуелноЛокално

(Видео) Ниту еден бизнисмен не се одзвал на поканата за аукцијата на 26 април – Срамна рамнодушност кон жртвите од Кочани

Поминаа повеќе од 40 дена од трагичниот пожар во ноќниот клуб „Пулс“ во Кочани. И покрај големата трагедија, иницијативата „Support Kocani“ се соочува со сѐ помал интерес за донации и поддршка. Најавената хуманитарна аукција на уметнички дела, закажана за 26 април во НУЦК „Бели Мугри“ во Кочани, остана без одзив од страна на бизнис заедницата — ниту еден бизнисмен не се пријавил да учествува или да донира.

Во телевизиско гостување на ТВ24, претставничката на „Support Kocani“, Душица Мрѓа, со тага истакна дека интересот за помош опаѓа, иако повредените се соочуваат со сериозни медицински предизвици, вклучувајќи ампутации и долготрајни рехабилитации. Новинарката Мери Јордановска ја сподели нејзината изјава, нагласувајќи ја поразителната рамнодушност на општеството.​

Иницијативата „Support Kocani“ е формирана од млади луѓе со цел да обезбеди директна финансиска поддршка за семејствата на загинатите и за повредените . Иако постојат неколку платформи за донации, како GoFundMe и Zeffy , интересот за помош значително опадна.​

Оваа ситуација ја отсликува длабоката криза на солидарност и одговорност во нашето општество. Додека модните настани и други забавни активности добиваат големо внимание и поддршка, жртвите на една од најголемите трагедии во поновата историја на Македонија се забораваат. Ова не е само морален пад, туку и аларм за целосна ревизија на нашите вредности и приоритети.​

На 26 април, во НУЦК „Бели Мугри“ во Кочани, ќе се одржи хуманитарна аукција со јавно наддавање, каде што сите присутни ќе можат да купат уметничко дело и на тој начин да им помогнат на засегнатите жртви и повредени од трагедијата. Сите средства од хуманитарната аукција ќе бидат транспарентно донирани преку страната на @supportkocani.​

Време е да се разбудиме од рамнодушноста и да покажеме дека сме општество кое се грижи за своите сограѓани во најтешките моменти.

Видео превземено од ТВ24.

Z P

Zvezdanka Pesikj