Охридското Езеро, природен бисер и светско наследство под заштита на УНЕСКО, станува жртва на државен немар и прикриена дозвола за пљачка. Рибокрадци, ловат риба сред бел ден, во зони каде тоа е строго забрането, а институциите – неми сведоци.
Секоја утрина, на социјалните мрежи осамнуваат видеа и фотографии од мали чамци и распостелени мрежи во крајбрежните води на Пештани, Воска, Трпејца, па сè до Кардиолошкиот Центар, каде и минимална контрола не постои. Се лови во зони со длабочина под 7 метри, иако законски дозволената е над 20 метри и на растојание од најмалку еден километар од брегот.
„Како што не се кријат ни во Охрид и Далјан, каде врие минувачи, така и во понепристапните делови слободно пустошат. Прашувам – каде се сега дроновите со термални камери, инспекциите и езерската полиција? Каде е државата да го заштити ова богатство?“, прашува еден од жителите кои секојдневно алармираат.
И додека граѓаните преземаат улога на чувари со камери и објави, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство гордо објавува нови концесии. Според последните податоци, дури шест од седум зони на езерото веќе се доделени на концесионери кои ќе стопанисуваат со рибниот фонд наредните 12 години. Додека Владата тврди дека концесионерите се “стручни и способни”, теренот покажува нешто друго: корупција, криволов и потполна безконтрола.
Основа за оваа катастрофална политика е застарената “Риболовна основа” за периодот 2011–2016, направена од Хидробиолошкиот завод во време на тотален мораториум. Таа не ја рефлектира актуелната состојба на рибниот фонд и според екологистите, доведува до излов на критично загрозени видови.
„Пастрмката и белвицата се пред истребување. Треба да се остават на мир уште неколку години и од македонска и од албанска страна. Наместо тоа, сега имаме легализирано уништување“, предупредуваат екологистите и активистите.
Ова не е првпат државата да се покаже како неспособен чувар на Охридското Езеро. Во 2004 година концесијата беше одземена поради масовно изловување. Следуваше осумгодишен мораториум. Новата концесија дадена во 2012 заврши исто – со одземање во 2018. Последната – дадена во 2019 – траеше само неколку месеци. И наместо поука, државата упорно повторува грешки.
Државата мора да престане да го третира Охридското Езеро како извор на профит за избрани групи. Потребна е итна ревизија на сите концесии, нова научна основа за управување, и повеќегодишен мораториум на стопански риболов – сè додека рибниот фонд не се обнови. Единствено рекреативен риболов со строга регулација и присуство на рибочувари треба да биде дозволен.
До тогаш, секоја кајче што распостела мрежа под изговор дека има лиценца, е доказ дека концесиите не заштитуваат, туку овозможуваат криминал. А секоја институција што молчи, е соучесник во уништувањето на најскапоценото што го имаме – Охридското Езеро.