Компанијата „Топлина Подмолје“ од село Подмолје, Охрид, ќе добие речиси 1,7 милијарди денари за ископ на јаглен и јаловина во Површинскиот коп Брод – Гнеотино, дел од РЕК Битола. Договорот беше објавен денеска на веб-страницата на Електронскиот систем за јавни набавки (ЕСЈН), а е склучен на 7 април 2025 година.

Во процесот на јавната набавка, државната компанија ЕСМ предвидела строги услови за учество, меѓу кои банкарска гаранција од 5% и минимален годишен приход на понудувачите од 350 милиони денари во последните три години. Дополнително, понудувачите морале да докажат техничка и професионална способност, вклучувајќи искуство со ископ на најмалку 600.000 кубни метри земјени маси, јаглен или руда во последните четири години.

На повикот се пријавиле само две компании – „Топлина“ и „МИС-КОМЕРЦ Митко“ од Скопје, а како победник била избрана „Топлина“.

Договорот е потпишан од управителот на компанијата, Ќирче Митрески, и директорот на РЕК Битола, Тони Петрушевски, заедно со неколку други службеници.

Во јавноста се појавуваат шпекулации за блиски релации меѓу управителот на „Топлина“ и актуелниот вицепремиер и министер за транспорт, Александар Николоски, но за сега тие информации не се официјално потврдени.

