Во пресрет на Велигденските празници, засилените инспекции на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) резултираа со уништување на над 1,2 тони небезбедни прехранбени производи. Во акциите спроведени на терен, најризични се покажале месото и преработките од месо, но под лупа се нашле и јајца, бои за јајца, мед, алкохол, маслиново масло и други артикли.
АХВ спровела вкупно 350 надзори кај оператори со храна, со цел да се спречи пласирањето на небезбедни производи во шпицот на празничната потрошувачка. Во акцијата биле уништени вкупно 1.230 килограми разни производи кои не ги задоволувале минималните стандарди за безбедност.
Во меѓувреме, граѓаните започнаа со подготовки за Велигден, но за многумина прославата ќе биде оптоварена со високи цени и тесни семејни буџети. Според актуелните пазарни цени, традиционалната трпеза ќе ги чини граѓаните солидна сума:
- Килограм јагнешко месо: 500–600 денари
- Табла јајца: 250 денари
- Килограм компири: 50–70 денари
- Краставици: 100–130 денари
- Домат: 100 денари
- Зелка: 50 денари
- Млад кромид: 40 денари
- Марула: 30 денари
И покрај ваквите податоци, Државниот завод за статистика објави дека инфлацијата во март 2025 е намалена за -1,3% во однос на претходниот месец, главно поради пониски трошоци за живот, вклучително и во категоријата „храна и безалкохолни пијалаци“.
Министерството за економија уверува дека Владата активно работи на стабилизирање на цените. На сила е мерката за ограничување на бруто-профитната маржа на 102 групи на производи, со што треба да се спречи енормното зголемување на цените:
- 5% маржа на: млеко, леб, брашно (тип 400 и 500), јајца, масло за јадење, јогурт, кисело млеко
- 10% маржа на: месо и месни производи, шеќер, млечни производи, маргарин, конзерви, грав, ориз, тестенини
- 15% маржа на: свежо овошје и зеленчук, средства за хигиена, бебешка храна, пелени, сапуни и др.
Дополнително, цените на осум основни производи се замрзнати до 30 април – мерка што Владата ја рекламира како директна помош за граѓаните.
Сепак, за многумина празничната кошничка сè уште изгледа далеку од достапна. А кога на сето ова ќе се додаде и опасноста од небезбедна храна, Велигденската радост добива горчлив вкус.