АктуелноИнтервју

Давчева: Ниту една партија на локалните избори во Чаир не се фокусира на реалните проблеми – туку шират етнички мотивирана демагогија која го разединува народот наместо да го сплоти

Чаир има енормно зголемување на бројот на дивоградби и сомнително доделени дозволи за градење кои дополнително го отежнуваат животот во најгусто населената општина во Европа вели во изјава за „Локално“ координаторката на Левица.

Иако до локалните избори има речиси половина година, политичката сцена веќе е во вжештена предизборна фаза. Партиите се подготвуваат за битката што ќе се води во општините, а на терен се лицитира со имиња на можни градоначалници и советници. Во игра се нови лица, но и добро познати имиња кои веќе ги мобилизираат своите структури. Подготовките се одвиваат во повеќе правци – од тестирање на пулсот на народот за потенцијални кандидати до финализирање на изборните програми. За најголемите политички субјекти, октомвриските избори ќе бидат тест за влијанието на локално ниво, но и сигнал за распоредот на силите во пресрет на парламентарните процеси во собранието и на политичката сцена во државата. Милица Давчева, раководител на Црвената младина и координатор на општинската организација на Левица во Чаир, во изјава за „Локално“ потврди дека партијата на претстојните локални избори ќе настапи единствено со советничка листа, бидејќи, како што вели, ова е нивен прв настап во Чаир кога станува збор за локални избори. Таа смета дека иако Левица не кандидира градоначалник, партијата е подготвена за сериозен настап и во Чаир гледа реална можност за влез во локалниот Совет. Таа нагласи дека традиционалните партии, како СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, се во опаѓање во Чаир, што според неа се гледа преку нивниот континуиран неуспех на последните изборни циклуси во општината.

„На претстојните локални избори во Општина Чаир Левица ќе настапи единствено со советничка листа од причина што во оваа општина ќе настапуваме за прв пат кога се во прашање локални избори. Без разлика, шансите да добиеме неколку советници се реални имајќи го во предвид нашиот успех на претходните избори во рамките на оваа општина. Евидентно е дека ДПМНЕ и СДС во оваа општина имаат ослабнато што го отсликува и нивниот континуиран неуспех на локалните избори во оваа општина. А пак за разлика од клиентелистичката ДУИ и нејзиниот изданок ВРЕДИ, ние нудиме изборна програма која му пристапува на работникот и обичниот човек, а Чаир е меѓу општините со најнагласени класни разлики во земјава“ смета Давчева.

Давчева нагласи дека Чаир е мултиетничка општина, но народот таму е обединет околу секојдневните социјални маки, а не околу етничките прашања. Таа кажа дека партиите кои традиционално доминираат на локалната сцена, упорно избегнуваат да се соочат со реалноста на теренот и наместо решенија нудат демагогија заснована на етнички теми. Таа истакна дека Левица е единствената опција која настапува со програма што се занимава со реалните предизвици на граѓаните – невработеност, лоша инфраструктура, скапа храна и недостапно здравство.

„Како што напоменавте, Чаир е мултиетничка општина но народот тука е сплотен во социјалните проблеми кои ги оптеретуват нејзините граѓани. Ниту една партија на локалните избори во оваа општина не се фокусира на реалните социјални проблеми, туку шират етнички мотивирана демагогија која го разединува народот наместо да го сплоти. Граѓаните ова го препознаваат и ќе ни дадат шанса затоа што им е доста од наметнати фиктивни наративи кои не се одразуваат на нивниот живот“ смета Давчева.

Давчева нагласи дека состојбата во општината, како што ја пренесуваат и медиумите, е реална и алармантна. Таа кажа дека Чаир минува низ сериозен период на стагнација, при што општината не нуди никакви решенија за проблемите што секојдневно ги оптоваруваат граѓаните. Таа потенцира дека во текот на мандатот на градоначалникот Висар Ганиу, дури и отпадот не се собирал со недели, а редовните чистења целосно изостанале. Сообраќајниот метеж, како што вели, стана секојдневие, особено на клучните крстосници кои Чаир го поврзуваат со другите делови на градот. Дополнително, таа смета дека ситуацијата е дополнително влошена со „енормното зголемување на бројот на дивоградби и сомнително доделени дозволи за градење“, што според неа е сериозна закана за квалитетот на живот во „најгусто населената општина во Европа“.

„Состојбата пренесена во медиумите е реална. Чаир минува низ период на стагнација во однос на проектите кои придонесуваат кон подобрување на животите на граѓаните во општината. Од актуелното општинско раководство во изминатиот мандат не видовме ниту едно конкретно решение во однос на хигиената (во текот на мандатот на Висар Ганиу понекогаш по месец дена не се собирал отпад, изостанувале редовни чистења и сл.), сообраќајот (целодневни метежи на раскрсниците кои нѐ спојуваат со другите општини) и сите оние работи кои се во доменот на базичното функционирање на општината. Исто така имаме енормно зголемување на бројот на дивоградби и сомнително доделени дозволи за градење кои дополнително го отежнуваат животот во најгусто населената општина во Европа“ децидна е Давчева.

Давчева истакна дека состојбата во оваа скопска општина е алармантна, особено во поглед на сообраќајот, хигиената, узурпацијата на јавниот простор и сѐ полошите услови за живеење. Таа кажа дека Левица нуди реални и конкретни решенија за проблемите на Чаирчани и дека тие ќе бидат препознаени и поддржани од граѓаните. Таа потенцира дека приоритет на Левица ќе биде борбата против урбаната мафија и „башибозукот“ кој, како што вели, секојдневно го отежнува животот на жителите во Чаир.

„Имајќи предвид дека општината се соочува со сериозен проблем во поглед на нерегулираниот сообраќај, хигиената, узурпацијата на јавен простор и влошувањето на условите за живеење, Левица дава реални и конкретни решенија за проблемите на Чаирчани кои тие ќе ги препознаат и ќе дадат поддршка за нивна реализација. Наместо етнички поделби и гетоизација кои ги форсираат другите партии, Левица нуди реални и конкретни решенија – борба со урбаната мафија и башибозукот кој секојдневно сѐ повеќе и повеќе го отежнува животот на граѓаните на Чаир“ смета Давчева.

Давчева нагласи дека Левица нема да соработува со оние кои го отежнуваат животот на граѓаните и ја помагаат урбаната мафија. Таа кажа дека во изборот за градоначалник на Чаир, како во првиот, така и во вториот круг, гласачите на Левица ќе бидат повикани да гласаат по сопствена совест. Таа нагласи дека Левица останува посветена на борбата против урбаната мафија и, како што вели, оние кои ги поткопуваат основните вредности на општината.

„Во изборот за Градоначалник на Чаир во првиот, како и во вториот круг нашите гласачи ќе ги повикаме да гласаат по сопствена совест. Но, да потсетиме дека Левица никогаш ниту била, ниту ќе биде соработник на луѓето кои го отежнуваат животот на граѓаните и ја помагаат урбаната мафија“ децидна е Давчева.

Давчева нагласи дека актуелниот градоначалник на Чаир не приложил никакво конкретно решение за проблемите со кои се соочуваат граѓаните. Таа кажа дека неговото занемарување на проблемите на жителите, како и неговото молчење и неактивност, ќе имаат големи последици на претстојните избори. Таа смета дека недостигот на слух за граѓаните и одговор на нивните прашања е основниот фактор за незадоволството во општината. Таа потенцира дека ваквото однесување на градоначалникот ќе има сериозни последици на претстојните избори, бидејќи граѓаните се веќе свесни за неуспесите на актуелното раководство.

„Како што напоменавме и во претходните прашања, Градоначалникот во овој мандат не приложил никакво конкретно решение за било кој проблем на граѓаните и сметаме дека немањето на слух за да воопшто ги чуе нашите проблеми или одговори на нашите прашања, додека истовремено ѝ помага на урбаната мафијаза секој ден магично да го разграбува јавниот имот скапо ќе го чини на претстојните избори“ завршува Давчева.

Интервјуто со Милица Давчева е преземено од порталот Локално